Свет
1. September 2015 - 11:16

Сателитски снимки потврдија дека е уништен храмот Бел во Палмира

Главниот храм во античкиот град Палмира, во северниот дел на Сирија, е уништен, за што потврдуваат сателитски снимки, соопштено е од седиштено на ОН.

Претходно е објавено дека храмот Бел во Палмира, кој е под контрола на џихадистичката група Исламска држава (ИД), е миниран.

Шефот на сириското Одделение за антиквитети и музеи Мамун Абдулкарим вчера изјави дека основната структура на храмот, кој е стар околу 2.000 години, останала недопрена.

Меѓутоа, сателитските снимки на агенцијата ОН/УНОСАТ, која се занимава со помош на хуманитарните организации преку анализи на фотографии од вселената, покажале дека на оваа локација всушност повеќе нема ништо.

- За жал, според снимките кои ги добивме, можеме да заклучиме дека главната зграда на храмот е уништена, истакна денеска шефот на УНОСАТ, Ејнар Бјорго, додавајќи дека освен зградата уништени се и неколку околни столбови.

Минатата недела беше потврдено дека е уништен храмот Бал Шамин во Палмира.