Македонија
14. April 2020 - 15:15

САС на МПЦ-ОА: Литургии со неколкумина сослужители и петмина верници, причестување може и во домашни услови

Светиот Архијерејски Синод (САС) на МПЦ-ОА, уште еднаш ја истакнува потребата од продолжување на мерката за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, која ќе важи и за велигденските празници, сè со цел за да се намали ширењето на заразата од погубната болест меѓу населението.

САС подвлекува дека МПЦ – ОА нема да го прекине литургискиот богослужбен живот, затоа што тоа е нејзиниот идентитет и суштина на нејзиното постоење, но сепак таа ќе се прилагоди на новонастанатите услови и ќе се сообрази на вонредната ситуација, почитувајќи ги донесените мерки за заштита.

САС укажува дека храмовите на МПЦ – ОА, за лична молитва на верниците, ќе бидат отворени, но притоа апелира одговорно да се почитува наложеното правило од државните власти во јавниот простор, во дозволените часови за јавно движење, времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание.

Од таа причина САС на МПЦ – ОА повторно упатува апел за реално да се гледа опасноста од раширениот коронавирус, и верува дека со Божја помош, ќе биде победен, доколку еднодушно и од страна на сите се почитуваат насоките.

– Светите Литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата Причест, на начин што е веќе востановен и утврден. На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, истите да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови, информира САС на МПЦ-ОА.

Во оваа вонредна состојба МПЦ-ОА го благословува и го смета за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите.

– Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми. Евентуалните прекршители на вонредните владини мерки треба да понесат сопствена одговорност, истакнува САС на МПЦ-ОА.

Синодот упатува апел за внимателен однос кон корона-позитивните лица, препорачувајќи да се избегнуваат обвинувања врз таа основа.

– Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација, потенцираат од Синодот.

МПЦ-ОА порачува погребите да се извршуваат на отворен простор, а крштевките, доколку е неопходно, во кругот на најтесното семејство.

САС на МПЦ-ОА упатува благодарност кон сите трудољубиви работници во здравствените, безбедносните, транспортните, енергетските, медиумските и другите служби од јавен карактер, кои му овозможуваат на населението, во овие вонредни околности, непречен тек на животот, а со својот труд придонесуваат за општото здравје и за заедничката безбедност.

– Црквата, во своите литургиски соборни молитви, секогаш се моли и за оние нејзини чеда коишто од оправдани причини отсуствуваат од богослужбите. Распнатиот и Воскреснат Господ Исус Христос – Лечителот од сите болести, нека биде со сите! Амин!, порачаа од Канцеларијата на САС на МПЦ – ОА.