Бизнис
22. February 2019 - 19:44

Санкции за манипулации при земање на субвенции

Околу 2 проценти од земјоделците кои бараат државна помош се обидуваат да го изиграат законот. Влегуваат во ризик за да добијат повеќе пари, а можат да се соочат со санкции од една или три години недобивање државна помош.

Од Платежната агенција информираат дека годишно се спречуваат малверзации до 2 милиони евра. Сепак, според директорот Бабовски, ова најчесто се случува поради недоволна информираност на земјоделците. Поради ова законот дозволува отстапки до 20 или 30 отсто од пријавените капацитети во зависност од тоа дали станува збор за сточарско или растително производство.

- Ако некој има декларирано 100 крави, а на лице место му недостасуваат или кога контролата ќе оди кај него и ќе врши контрола на ушните маркици и ако недостасуваат 40 крави, тогаш тој влегува во санкција, рече директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Тој информираше дека деновиве се исплатени околу 25 милиони евра државни субвенции за сточарите и за лозарите. Според него, земјоделците оваа поддршка ја добиваат тогаш кога им е најпотребно.

Посочи дека парите за мерката за одржување на овошните насади ќе се исплатат порано. Од опозицијата, пак, тврдат дека овој сектор никогаш не бил во поочајна состојба. Земјоделците се оставени на цедило, а руралните општини се заборавени.

- Да не заборавиме, концептот за субвенции го започна и водеше ВМРО-ДПМНЕ и тој функционираше се до паѓањето на земјоделството во немилост на луѓе кои воопшто не мислат на развојот на земјоделството и за маките на овие луѓе.