Бизнис
25. May 2018 - 19:46

Само 30% од претприемачите се жени

Менталитетот, стереотипите, недостатокот на финансии и немањето сопствени средства или имот на свое име се главните   пречки за развој на женското претприемништво. Поради ова  жените многу ретко се одлучуваат да одат во големи бизниси или пак многу слабо ги развиваат тие кои веќе ги започнале. Од  здружението на бизнис жени велат дека и покрај тоа што жените генерално се соочуваат со истите проблеми,  токму поради стереотипите многу потешко имаат пристап до финансии во однос на мажите претприемачи.

,, Жените кај нас барем во Македонија повеќе се во услужните дејности или пак во оние занаети кои што веќе ги имаат научено и од тоа прават бизнис. Секако прво почнуваат со сива економија, а понатаму ако го видат бенефитот од развој на компанија одат кон развој на компанија, меѓутоа сепак тоа се микро и мали компании кои што не достигаат некој голем обрт ниту пак голем профит и тоа е она на кое што ние всушност и сакаме да работиме.,, вели  Валентина Дисоска, претседател на здружението на бизнис жени

Според податоците на здржението на бизнис жени само 30% од вкупниот број на претприемачи во Македонија се жени кои се насочени пред се во микро и малите претпријатија .  Од таму велат дека она што недостасува е поттик и поддршка  од страна на институциите и финансиерите за раст и развој на тие компании. Но исто така и самите жени треба да се стремат од комапнија со мал постепено да прераснуваат во компанија со поголем  обрт. За таа цел здружението на бизнис жени реализира проект  кој има за цел економско јакнење на жената преку јакнење на претприемништвото и капацитетите на жените за раст и развој на истото.