Бизнис
5. July 2019 - 12:05

„Сакам да работам“: Во казината не се пуштаат деца, а обезбедуваат буџетски приходи од четвртина милијарда евра годишно

 Од Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ соопштија дека сите објекти работат 100 проценти законски и не се дозволува влез на деца. Јавноста треба да земе предвид дека игрите на среќа до сега обезбедуваат буџетски приходи од четвртина милијарда евра на годишно ниво, се вели во соопштението од „Сакам да работам“.

Во реакцијата на обидите на иницијативата „Антикоцкање“ од Тетово да претстави дека најмногу малолетниците страдаат од игрите на среќа, од здружението подвлекуваат дека е неточно оти игрите на среќа се најголема закана за младите генерации.

– Жалиме што не отстапуваат од пристапот преку жестока негативна кампања, што трае веќе со месеци, да ја претстават дејноста како најголемата закана за младите, а истовремено да креираат впечаток во јавноста дека објектите каде се организираат игри на среќа се „дувла“ на наводен криминал во кој најмногу страдаат малолетниците. Не е точно и нема да дозволиме јавноста да се носи во заблуда дека игрите на среќа се најголема закана за младите генерации. Ние претставуваме 7.700 вработени во оваа дејност. И ние сме родители, најчесто на малолетни деца и никогаш не би се согласиле да бидеме дел од нешто што ги прави нив потенцијални жртви. Најмалку 23.000 граѓани преку нашите работни места обезбедуваат егзистенција, а истовремено оваа дејност индиректно поддржува и помага речиси 54. 000 работни места, што ни дава дополнителна одговорност да се бориме за вистината, стои во реакцијата од здружението.

Во автомат клубовите и казината, посочуваат, одамна се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ, се е 100 проценти законски. Во објектите влегуваат најмногу проценти од полнолетната популација.

Како Здружение на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“, подвлекуваат, го уважуваме значењето на потписите на иницијативата на „Антикоцкање“ од Тетово за интервенции во законот за организирање игри на среќа.

– Во автомат клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање за секој играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да го контактира за стручна помош. Во ниту еден објект, не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП, се вели во соопштението.

Меѓу другото посочуваат дека нивни тимови уште минатата година доставиле предлози до законодавната власт.

– Одговорно тврдиме дека предлозите за дислоцирањето на објектите во кои се организираат игрите на среќа на три километри надвор од урбаните средини нема да ја постигне целта за која јавно се залага „Антикоцкање“ од Тетово. Сигурни сме дека едно избрзано решение само ќе креира предуслови за отворање на „диви“ играчници, надвор од регулацијата на надлежните институции, каде младите ќе бидат далеку повеќе загрозени, а државниот буџет со намалени приходи, стои во реакцијата.

Според нив, постојат поефикасни решенија од инсистирање за дислоцирање на објектите со игри на среќа, како на пример, напуштање на досегашната пракса за издавање лиценца за трговското друштво и воведување лиценца за секој објект во кој се организираат игри на среќа.