САД забранија увоз на нови модели кинески хуманоидни роботи и инвертори поради ризици за националната безбедност

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп забрани увоз на нови модели кинески хуманоидни и четириножни роботи, како и на нови кинески инвертори што се користат во соларни инсталации и центри за податоци, повикувајќи се на причини поврзани со националната безбедност и заштитата на американскиот синџир на снабдување во областа на вештачката интелигенција.
Мерките ги објави Федералната комисија за комуникации (FCC) и стапија во сила веднаш. Тие се однесуваат само на модели што се уште немаат добиено дозвола за продажба во САД. Веќе одобрените уреди ќе можат да продолжат да се увезуваат и користат, но Комисијата го задржува правото да ги повлече издадените дозволи.
Според FCC, уредите со мрежна поврзаност можат да претставуваат ризик од шпионажа, кражба на податоци, далечинско управување и кибернапади врз критичната инфраструктура на земјата.
„Тие уреди би можеле да создадат ранливости во синџирот на снабдување што би ја загрозиле економската и националната безбедност на САД, како и кибербезбедноста“, се наведува во соопштението на Комисијата.
Претседателот на FCC, Брендан Кар, изјави дека институцијата ќе продолжи со напорите за заштита на клучните американски синџири на снабдување.
Американските власти како мобилни роботи ги дефинираат уредите потешки од два килограми што можат самостојно да се движат, да избегнуваат пречки и имаат сензори, мрежна поврзаност и софтвер за автономна навигација. Таквата дефиниција може да опфати и некои напредни роботски правосмукалки. Забраната не се однесува на стационарни индустриски роботи.
Според американски претставници, целта на мерките е истовремено да се намалат ризиците за националната безбедност и да се поттикне преместување на производството во САД.
Агенциите оценуваат дека меѓу најпогодените компании би можел да биде кинескиот производител „Unitree Robotics“, кој учествува со некаде петтина на светскиот пазар на хуманоидни роботи.
Компанијата неодамна беше ставена на листата на Пентагон на фирми за кои постојат сомневања дека имаат врски со кинеската војска. „Unitree“ користи и најнови чипови „Blackwell“ на „Nvidia“ како пресметувачка платформа за своите роботи. Од „Nvidia“ наведуваат дека податоците создадени од роботите ќе се складираат во САД и дека најголеми корисници на „Unitree“ се американски универзитети и истражувачки институции.
Конгресменот Џон Муленар, претседател на специјалната комисија на Претставничкиот дом за Кина, ја поздрави одлуката, оценувајќи дека таа „ја штити земјата и ја зајакнува националната роботска индустрија“.
Забраната ги опфаќа и кинеските инвертори, уреди што ја претвораат еднонасочната струја од фотоволтаичните панели во наизменична струја за електроенергетската мрежа. Меѓу водечките кинески производители во оваа област се „Sungrow Power Supply“ и „Huawei“.
FCC предупреди дека мрежно поврзаните инвертори можат да се користат за собирање податоци или далечинско прекинување на работата на критична инфраструктура. Комисијата ги посочи и ризиците поврзани со киберкампањата „Volt Typhoon“, откриена во 2023 година, за која американските власти тврдат дека била поврзана со кинески хакери.
Кинеската амбасада во Вашингтон ги повика САД „да ги слушаат објективните и рационални гласови на деловната заедница“ и да престанат со мерките против кинеските компании.
Од Амбасадата предупредија дека Пекинг ќе преземе „сите неопходни мерки“ како одговор на потези што, според нив, сериозно ги нарушуваат кинеските интереси.
Аналитичарите очекуваат дека хуманоидните роботи со вештачка интелигенција ќе имаат широка примена во индустријата и потрошувачкиот сектор, додека сигурните инвертори ќе бидат клучен дел од инфраструктурата за брзорастечките центри за податоци во САД.
МИА
Ново на Сител
-

ОЈО Скопје отвори истрага за насилството врз гинекологот во поликлиниката „Букурешт“
-

Тема на денот со Ведрит Ибушоски, претседател на Здружение на радиолошки технолози на Македонија
-

Презентирани над 200 докази во случајот со Груби за злоупотреби во Државната лотарија
-

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Левица за платено политичко рекламирање, Левица обвинува за партизација на Судот
-

Судски совет: Се работи на расчистување на состојбите во Основниот суд Куманово
-

Амбасадорите за Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија дипломатските платформи во Парламентот
-

Од денеска Хрватска ќе издава визи за камионџиите
-

Клековски: Имаме ситуации со луѓе кои се на боледување, а на Инстаграм се сликаат на одмор во Италија
