Свет
30. November 2023 - 17:50

САД се загрижени бидејќи Хамас и натаму наоѓа финансиска помош во Турција

Американскиот потсекретар за тероризам Брајан Нелсон денеска изјави дека разговарал со турски официјални претставници, бидејќи САД се загрижени поради тоа што палестинската милитантна група Хамас собира средства во таа земја.

„Длабоко сме загрижени поради способноста на Хамас да продолжи да собира средства и да пронаоѓа финансиска поддршка во Турција за потенцијални терористички напади“, им рече Нелсон на новинарите во Истанбул по разговорите со турските власти.

Тој додаде дека турските власти го потсетиле дека Хамас не е означен како терористичка организација во нивната земја, но нагласиле дека Турција нема да толерира кршење на законот, вклучително и перење пари и директно финансирање на напади.

„Дури и ако Хамас е легитимна група во Турција, сепак може да ги прекрши домашните закони. Турција има можност да го реши овој проблем во рамките на сопственото законодавство, без оглед на американските санкции“, рече американскиот функционер.

Нелсон, исто така, предупреди на можноста за воведување нови американски санкции против компании во Турција за кои постои сомневање дека и помагаат на Русија да ја продолжи трговијата со забранети стоки.