Свет
30. March 2016 - 19:42

САД го засилуваат военото присуство во Источна Европа

Пентагон планира да распореди оклопна бригада во Источна Европа во февруари 2017 година, како дел од ротацијата на американските сили стационирани во Европа, со цел да ги смири сојузниците кои сметаат дека постои закана од Русија.

Тоа го наведуваат американски претставници кои побарале анонимност во изјава за американски медиуми.

Се очекува американската армија да објави денеска дека заедно со бригадата во Европа ќе испрати целосен контигент нова техника, што ќе претставува прв таков потег на Вооружените сили на САД по завршувањето на Студената војна.

Претходните планови беа за ротација на силите, но тие требаше да користат тренинг-техника што веќе е во Европа.

Според новиот предлог, таа техника ќе биде испратена на обновување, а силите ќе донесат понова модерна техника при распоредувањето.

Бригадата ќе има 4.500 војници, 250 тенкови, оклопни возила и повеќе од 1.700 камиони и возила.

- Заедно со опремата што е во Европа, ќе има и дивизии со посебен персонал за борба, доколку се јави потреба за тоа, изјави американскиот потсекретар за одбрана Роберт Ворк за „Волстрит џурнал“.

Ќе биде испратена и дополнителна комуникациска техника за врска со штабовите и бригадите.

Денешната изјава има за цел да се успокојат партнерите на САД во Европа, кои стравуваа дека повлекувањето на техниката може да значи и ослабување на поддршката од Вашингтон, наведуваат американските претставници.

Промените испрќаат и порака до Москва дека каква било агресија врз американските сојузници ќе биде неприфатлива. При посетата во источна Европа и на средби на НАТО во изминатите девет месеци, министерот за одбрана на САД Ештон Картер вети дополнителна воена поддршка за регионот.