САД го стави Aнѓушев на црна листа
Кочо Анѓушев е прогласен за непожелна личност во САД. Американскиот Стејт Департмент денеска соопшти дека Анѓушев е персона нон грата поради, како што се вели неговото учество во значителна корупција.
Од Стејт Департментот велат дека како вицепремиер Анѓушев ја злоупотребил својата позиција за корист на своите приватни бизнис интереси, поткопувајќи ја довербата на македонската јавност во владините институции.
„Денешниот потег демонстрира дека САД стојат покрај оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението.
Стејт Департментот, исто така, им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.
Попладнево амбасадорката на САД Анџела Агелер во изјава објавена на фејсбук страната на амбасадата посочува дека именувањето за непожелна личност на Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.
-Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени.“ вели Амбасадорката Агелер.
Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања од 1 јуни 2017 до 3 јануари 2020, во владата на Зоран Заев.
На црната листа на САД, поради корупција, од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, , Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко и членови на нивните семејства.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар