Свет
1. јуни 2016 - 9:02

Руски авиони уништија „рафинерија“ на ИД кај Рака

Руски воени авиони уништија нелегални објекти за производство на нафта на џихадистичката група Исламска држава (ИД), кои се наоѓале кај местот Таура во близина на сирискиот град Рака, соопшти рускиот Центар за помирување на судрените страни во Сирија.

- Руското Воено воздухопловство продолжува да ги извршува своите задачи во Сирија со цел да и се нанесе финансиски удар на ИД. Бомбардери Су-34 уништија објекти за илегално производство на нафта, кои се наоѓаат на 40 километри од Рака, се наведува во соопштение објавено на сајтот на Министерството за одбрана на Русија.  

Во исто време, руски медиуми јавија дека сириските сили потпомогнати од паравоените групи лојални на властите во Дамаск одбиле напад на припадници на ограникот на Ал Каеда во Сирија, Фронтот ал Нусра кај местот Мухајум Хандрат во провинцијата Алепо.