Македонија
23. November 2025 - 16:24

Рушење и експропријација, Штип добива нов урбан изглед

Локалната самоуправа ги руши старите и руинирани објекти во Штип. Со градежна механизација се расчистува централното градско подрачје и дотрајаните објекти на поранешното Нервно одделение, каде до пред некој ден живееја ромски семејства, кои сега се дислоцирани во новите типски куќи во населбата Света Недела.

Со години во овие објекти се живееше во субстандардни услови, а беа и потенцијален извор на заразни болести.

-Продолжува рушењето на руинираните објекти, овојпат во централното градско подрачје. Долгогодишното барање на жителите на Штип да се уреди еден простор, кој со години наназад беше руиниран, конечно се реализира. Морам да потенцирам дека овде беа сместени ромски семејства кои во меѓувреме добија типски објекти. Денес започнуваме со активност за рушење на овие два објекти, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Јорданов најави дека ќе бидат урнати и други руинирани објекти во централното градско подрачје, но дополнително, ќе се спроведе и процес на одземање и надомест  на приватно земјиште за да се реализираат проекти од јавен интерес.

-Еден таков потег, кој ќе биде исчистен, сружен, а е на сообраќајница е на излезот од градот, кон населбата Три Чешми. Согласно проектот и ДУП се предвидува булеварско уредување, продолжување на булеварот „Гоце Делчев“, а на самата траса се наоѓаат десетина објекти кои мора да бидат експропроирани и срушени, додаде Јорданов.

Со оваа акција Штип го започнува решавањето на деценискиот проблем со запоставените и разурнати објекти, а паралелно ги отвора можностите за модерно урбанистичко уредување.

Рушењето и експропријацијата се дел од поширока стратегија за создавање побезбеден, попросторен и функционален град, кој ќе обезбеди подобри услови за живот и развој на локалната заедница.