Балкан
28. јуни 2022 - 12:51

Румен Радев ги заврши консултациите пред да врачи прв мандат за нова влада на Бугарија

Претседателот на Бугарија Румен Радев по консултациите со најмалата партија во 47. Народно собрание „Преродба” изјави дека политичките консултации се завршени и дека првиот мандат за формирање на новата влада во рамките на овој парламент ќе му го предаде на најголемата политичка сила во него „Продолжуваме со промената”.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседателот на Бугарија Румен Радев не прецизираше на кој ден тоа ќе се случи. Тој вечерва заминува за Мадрид на самитот на НАТО, каде ќе биде до 30 јуни.

Од неговите зборови стана јасно дека нема да има консултации со „Продолжуваме со промената” и Бугарската социјалистичка партија, која вчера не се појави на поканата за нив, со образложение дека работат на ажурирање на буџетот во комисијата во Национално собрание. Преродба побара од претседателот Румен Радев да не им додели трет мандат за Бугарија да тргне кон предвремени избори.