Македонија
29. November 2016 - 14:27

Роман од Божин Павловски номиниран за Меѓународна награда за литература Даблин

Романот „Рогот на љубовта“ од Божин Павловски, предложен од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, е во конкуренција за престижната Меѓународна награда за литература Даблин (International Dublin Literary Award) за 2017 година.

Од Одделението за меѓународна соработка и културни манифестации при НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје, соопштија дека романот бил единствениот којшто одговарал на пропозициите на наградата односно да биде напишан на македонски јазик и преведен на англиски јазик во точно утврдени термини. Во конкуренција за наградата се 147 романи номинирани од национални и градски библиотеки од 38 земји на 18 јазици во светот.

Наградата се доделува за роман објавен или преведен на англиски јазик, а во 2012 година македонски кандидат за оваa награда беше романот „Нишан“ на Блаже Миневски. Англискиот превод на „Рогот на љубовта“ е на Весна Н. Крстевски. 

Наградата се врачува секоја година на 12 јуни во Даблин. Добитникот на наградата добива 100.000 евра, од кои, за романите преведени на англиски, дел од наградата, односно 25 илјади евра добива преведувачот.

Во годинашниот список на номинирани романи на официјалната страница на Меѓународната награда за литература Даблин стои дека „Рогот на љубовта“ е преведен од македонски јазик, како еден од 18-те јазици на кои се напишани романите во конкуренција, а е номиниран од Националната и универзитетска библиотека на Македонија.

Романот „Рогот на љубовта“ годинава ќе се натпреварува заедно со новите романи на Марио Варгас Љоса, Маргарет Атвуд, Орхан Памук, Џонатан Франзен, Милан Кундера, Изабел Аљенде, Кејт Аткинсон, Георги Господинов, Една О'Брајан, Џон Ирвинг, Мишел Уелбег, Казуо Ишигуро, Салман Ружди, Џим Шепард, Енрике Вила-Матас, Горан Војновиќ и други.

Престижната Меѓународна награда за литература Даблин се доделува од 1996 година, а меѓу досегашните добитници се и нобеловците Орхан Памук и Херта Милер, потоа Мајкл Мек Кормак, Дејвид Малуф, Хавиер Мариас, Тахар Бен Желун, Колим Мек Кан, Џон Мек Грегор, Мишел Уелбек и Хаж Рави.