Тенис
3. јуни 2016 - 11:18

Ролан Гарос: Борба за влез во финале

Временските неприлики изминативе денови во Париз им донесоа многу проблеми на организаторите на Грен слем турнирот Ролан Гарос. Поради дождот на почетокот на неделата се одиграа малку мечеви, па затоа за денеска е предвидена дупла програма од полуфиналето (се играат мечевите кај жените и кај мажите). Во претходните години жените играа во четврток, а мажите во петок. Ова значи дека жените ако нема дожд ќе играат денеска полуфинале и утре финале без ден одмор, додека мажите ќе можат да „одморат“ од жестокиот ритам и финалето со ден одмор ќе го играат во недела.
 
Во женските полуфинални мечеви ќе играат Серена Вилијамс и Кики Бертенс. Серена Вилијамс ја брани титулата освоена лани, а има вкупно три победи на Ролан Гарос. Бертенс од Холандија го игра својот најдобар турнир бидејќи нејзин најдобар пласман досега на Грен слем турнир и беше 4.коло на Ролан Гарос во 2014 година. Во второто полуфинале ќе играат Гарбине Мугуруза и Саманта Стосур. Мугуруза ќе се обиде да се избори за своето второ Грен слем финале, а Стосур за своето второ финале на Ролан Гарос.
Мечевите во женска конкуренција почнуваат во 13 часот, а Вилијамс – Бертенс играат на теренот „Филип Шатрие“ (централен терен), додека Мугуруза – Стосур играат на теренот „Сузан Леглан“.
 
Меч на денот секако е полуфиналето кај мажите Стан Вавринка – Енди Мареј. Вавринка е бранител на трофејот, додека Мареј е втор носител и секако посакува конечно финале во Париз откако претходно загуби три полуфинални мечеви. Во второто полуфинале ќе играат Новак Ѓоковиќ и Доминк Тием. Ѓоковиќ има три финални меча на Ролан Гарос, но нема победа во нив, додека Тием ова нејдобар резултат во кариерата.
Машките мечеви од полуфиналето нема да почнат пред 15 часот, а Вавринка – Мареј ќе играат на централниот терен, додека Ѓоковиќ – Тием ќе играат на теренот „Сузан Леглан“.