Рокот на партиите истекува денеска, експертите во дилема за уставните измени
БЕСА ќе биде единствената опозициска партија која ќе испрати свој претставник во работната група за промена на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, социјалистите и Демократскиот сојуз потврдија дека нема да учествуваат во овој процес. Власта веќе ги делегираше своите претставници. СДСМ ќе ја испрати Цветанка Иванова, ДУИ ќе ги претставува Арбр Адеми а Алијанса го номинираше Ремзи Мехмеди. Александар Спасов ќе биде претставник на Пендаровски а дополнително уште двајца ќе дојдат од МНР и СЕП.
И додека политичкиот дел на групата е веќе заокружен, експертскиот оди потешко. Официјалниот состав Министерството за правда ќе го објави утре а од таму неофицијално велат дека до сега, поканата ја прифатилe само професорите Положани, Шасивари и судијката Николовска.
Учеството се уште не го потврдиле Десковска, Прешова и Арифи кои се уште се мислат, додека Камбовски одбива да учествува во работната група се додека не се обезбеди политички консензус. Сличен став делат уште неколку професори чии имиња циркулираа во медиумите но се уште размислуваат дали да се приклучат. Велат, не сакаат да бидат колатерална штета на политички процес во кој нема ниту базично ниво на консензус.
Премиерот и денеска со истиот став. Политичките кариери да не го држат во заложништво овој процес
Опозицискиот лидер Мицкоски вчера рече дека за последен пат ја коментира темата поврзана со уставните измени. И тој го повтори истото што го зборува веќе неколку месеци, дека во овој состав на Собранието уставни измени нема да има.
Постапката за промена на Уставот се одвива во неколку фази. Од почетокот па до крајот на власта два пати ќе и треба мнозинство од 80 пратеници. Еднаш за да го отвори и уште еднаш за да ги изгласа уставните измени.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар