Македонија
7. July 2018 - 16:14

Рок пејачот Влатко Илиевски пронајден мртов во својот автомобил

Познатиот македонски пеjач и глумец Влатко Илиевски синоќа околу 23.00 часот бил пронајден мртов во својот автомобил “Тојота”, на булеварот “Трета македонска бригада”. Увид на лице место извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР-Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.

Од ОЈО соопштија дека дежурен јавен обвинител вече работи на расветлување на причините за смртта, а според првичните информации кај 33 годишниот пејач не биле видливи траги на насилство.

Јавниот обвинител издаде Наредба за обдукција на починатиот, како и насоки за прибирање на траги пронајдени на лице место на кои ќе претстои вештачење. Возилото е запечатено и исто така е предадено на вештачење. Се преземаат сите дејствија за да се утврдат причините за смртта, стои во соопштението од обвинителство.

Новиот уметнички директор на Макфест Владимир Дојчиновски вели дека до 20 часот вчера биле заедно, и ништо не укажувало на тоа дека Илиевски се наоѓа во лоша состојба. Според него, Македонија синоќа изгуби голем уметник.

Голем број познати личности од македонската естрада и јавниот живот изразуваат сочувство на социјалните мрежи по смртта на младиот пејач.. Со потресни статуси на фејсбук од Илиевски се простија популарната пејачка Тамара Тодевска, која беше негова голема пријателка, како и актерката Весна Петрушевска.

За прераната смрт на македонската музичка ѕвезда пишуваат и медиумите од соседството.

Влатко Илиевски e роден на втори јули 1985. Првите посериозни почетоци со музиката ги има со групата „Мејд ин Маседонија“, а од 2000 до 2007 беше член во групата „Морал“. Во 2011 со песната „Русинка“ Илиевски ја претставуваше Македонија на Евровизија во Диселдорф, Германија.