Македонија
18. August 2022 - 21:17

Родот на овошките преполовен, пазарот смален, а откупот отежнат

Лоша година за овоштарите. Родот далеку послаб од просекот поради непогодните временски услови, а откупот е преполовен. Овоштарите велат дека дополнителна причина е и тоа што се загубени дел од пазарите поради руско-украинскиот воен конфликт, каде традиционално се извезуваше овошје од земјава.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека откупот и продажбата на овошје во вториот квартал годинава е речиси преполовен во споредба со истиот период лани. Односно, се продало за 42,6% помалку овошје. Најголем е падот во мај, кога споредено со истиот месец лани откупот на овошје е намален за дури 67,2%.

Овоштарите велат дека годинава математиката не испаѓа во плус бидејќи покрај горенаведеното, драстично им се поскапени ѓубривата и горивата кои ги користат.

Статистика пресмета дека ѓубривата за една година поскапеле за 60,7%, а енергијата, горивата и мазивата за речиси 40%.