Македонија
23. September 2022 - 16:44

Родителите против најавите за он-лајн настава, МОН уверува дека учениците ќе останат во училишните клупи

Родителите не можат да го издржат финансискиот притисок  доколку наставата премине онлајн. Пандемијата покажала дека илјадници ученици не биле во можност за онлајн настава, па морале да се снаоѓаат со копии, а сето тоа се одразило на нивниот успех. Според нив не е решение ниту продолжен распуст, бараат соодветни услови за настава во училница.

Остро се спротиставија и од СОНК по информациите за евентуално воведување на онлајн настава од второ полугодие. Ниту наставниците не се во можност да ја преземат улогата на државата и од свој џеп да субвенционираат за да се одржи настава.

Од МОН официјално нема одлука како ќе се реализира учебната година по енормно високите сметки кои ги добија училиштата. Нивниот став е дека училиштата последни ќе затворат. Според информации на Сител, министерството прибира информации и прави анализа колку и за што се употребуваат средствата од блок дотации.

Нивната намера е да им помогнат на општините со план за реорганизација на овие средства за да се ублажи ударот од новите сметки за струја и греење. Одлука за зголемување на блок дотациите нема, но министерството размислува и на оваа опција.