Македонија
28. August 2020 - 16:45

Родителите на школски деца остануваат на работа, градинките ќе се отворат во септември?

Учебната година е пролонгирана за 1 месец, но родителите на учениците до 10 години во септември не се ослободени од работа. Од Владата велат дека мерката за родители на школски деца е укината, а важи само за оние чии деца се запишани во градинка. Поради одложувањето на учебната година многу семејства мака мачат кој да им ги чува децата овој период.

-Засега  нема нова одлука како ќе биде со родителите на деца кои ќе одат на училиште од 1 октомври, но во овој момент нема промена на мерките од јули 2020, информираат од Владата.

По најавата покрај децата од 1 до 3 одделение со физичко присуство да тргнат на училиште и оние од погорните класови доколку има помал број на деца во паралелките и стабилна епидемиолошка сосотојба со Ковид-19, мандатарот Заев вели дека во октомври од 600-тини училишта дури 350 може да организираат настава од училишните клупи, но за ова согласност треба да даде државната комисија.

-Имаме во региони одделенија со 7 деца или вкупно 25 деца во училиште. Имаме половина училишта со помал број на деца, и верувам таму каде ќе дадат согласност учениците, родителите, училишниот одбор, општините и советите ќе се организира наставата, изјави мандатарот Зоран Заев.

Во меѓувреме средношколците не се откажуваат од најавениот протест в понеделник. Бараат комбинирана настава, но на 1 октомври и за нив учебната година да почне со физичко присуство.

-Сега се чувствуваме слушнати. Сепак, голем дел од предлозите се всушност неофицијализирани за сега. Затоа, протестот се уште е закажан така што ние се уште стоиме позади самата идеја за комбинирано образование, кое воедно е и најдобрата опција што би можела да постои во моментот, направена да одговара и на повеќето ранливи групи, соопштија од Сојузот на средношколци.

Министерот Филипче призна дека порано требало да разговараат со средношколците.

-Демократско право е да се протестира, им укажат дека протестот да не се користи дека немаме слух за дебата, рака на срце можеби порано требаше да разговараме, но оваа конструктивна дебата ќе продолжи, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче најави и дека после децата од 1 до 3 следни кои ќе тргнат со физичко присуство се шестооделенците и средношколците кои се прва година. А, пред тоа во септември очекува да бидат отворени градинките.