Македонија
9. March 2021 - 12:36

Родилката Јилдиз Веаповска: Не ја прифаќам одлуката на Лекарската комора

Родилката Јилдиз Веаповска која остана без матка, бубрег и јајник не го прифаќа Стручниот наод на Лекарската комора во кој не се констатира никаков лекарски пропуст од страна на д-р Мухамед Асани.

Во изјава за Сител таа побара Комората јавно медицински да образложи како е можно да остане без три органи, а да нема лекарска грешка.

-Дали е ова нормално, ни јавноста, ни никој да не знае кои се од Лекарската комора докторите што го вештачат ова, што треба да одлучат дали има лекарска грешка или нема. Никој не знае, но докторот, директорот знае кој е во Комисијата. Јас не го прифаќам ова бидејќи сите доктори што биле, се Албанци. Ниту немало Македонец. Заминав здрава и права во Струга на породување. Заминав да се породам, а по породувањето излегувам без бубрег, без матка и без јајник. И тоа се будам на КАРИЛ. Нека излезе Лекарската комора јавно нека образложи медицински зошто се тргнати тие органи, ако немало лекарски пропуст. Тогаш што може да има?, прашува Веапоска.

Од Министерството за здравство потврдија дека стручниот наод не констатирал лекарска грешка, но чекаме детали што точно е констатирано.