Родено првото бебе зачнато со новиот „Фертило“ метод
Компанијата „Гамето“ (Gameto) со седиште во Њујорк, САД, го објави раѓањето на првото бебе во светот зачнато со помош на новата технологија наречена „Фертило“ (Fertilo). Новороденчето дојде на свет во клиниката „Санта Изабел“ во Лима, Перу, и тоа претставува значителен напредок во лекувањето на неплодноста, елиминирајќи ја потребата од приближно 80 отсто од хормонските инјекции коишто се потребни за оплодување со вообичаената метода „Ин-витро“.
– Воодушевени сме што можеме да го прославиме првото раѓање на бебе зачнато со „Фертило“. Со надминување на главните предизвици на конвенционалното „Ин-витро“, како што се долгите циклуси на третман, значителни несакани последици и емоционален и физички напор, „Фертило“ обезбедува потенцијално побрзо, побезбедно и подостапно решение за семејствата. Ова е пресвртница во репродуктивното здравје и ја истакнува првата примена на ИПСЦ-технологија, како и огромниот потенцијал на нашата технологија, изјави директорката и ко-основачка на „Гамето“, д-р Дина Раденковиќ.
Новиот метод користи вештачко обликувани клетки со коишто го пресоздава природниот процес на созревање на јајце-клетки вон телото – во лабораториски услови. Притоа, се намалуваат циклусите на третман од вообичаените 10 – 14 дена на три дена.
– Овој напредок претставува историски пресврт во репродуктивната медицина. Можноста за созревање јајце-клетки вон телото, со минимална хормонална интервенција, значително ги намалува опасностите како што е синдромот на хиперстимулација на јајниците и ги ублажува несаканите последици предизвикани од високи дози хормони. „Фертило“ е голем напредок за жените кои не можат да толерираат – или не сакаат да се подложат на товарот на вообичаениот протокол за „Ин-витро“. Тоа носи надеж и нови можности за поширокиот опсег на пациентки, појасни д-р Луис Хатман, кој го надгледуваше целиот процес.
И мајката на бебето го сподели своето искуство.
– „Фертило“ беше претпочитана опција во споредба со традиционалните пристапи. Имаше помалку инјекции, а процесот на вадење јајце-клетки е помалку инвазивен, што ми даваше надеж и уверување. Овој пристап го олесни физичкото искуство и емоционалниот товар на хормонските инјекции. Благодарна сум ѝ на клиниката „Пранор“ и тимот на „Гамето“ за грижата и посветеноста да го остварат мојот сон, нагласи родилката.
„Гамето“ веќе доби лиценци за работа во неколку земји. Тука спаѓаат Австралија, Јапонија, Аргентина, Парагвај, Мексико и Перу. Во САД се подготвува третата фаза од испитувањата.
Ново на Сител
-
Отфрлени обвиненијата против Алек Болдвин за убиство на снимањето на филмот „Рѓа“
-
По протестот во Тирана, во притвор седуммина граѓани, а кривични пријави за 21 пратеник и 19 претставници на партии
-
Луксембург единствена држава во ЕУ каде жените се поплатени од мажите
-
Антикорупциска нема основ за поведување постапка против директорот на АНБ, Бојан Христовски
-
Отстранети неколку диви депонии во Чаир, Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром
-
ЦУ: Спречен шверц на злато, лекови и фотоапарати
-
Еден од двата лифта расипан во МРТВ, ред се чека 40 минути | ФОТО
-
Руски брод потона по експлозија