Бизнис
13. јуни 2022 - 16:41

РКЕ покрена постапка за одземање на лиценцата на БЕГ, блок тарифите од идната недела стануваат реалност

БЕГ најверојатно нема да ги грее скопјани во новата грејна сезона. Регулаторната комисија започна постапка за одземање на сите три лиценци на компанијата. Претседателот Бислимовски вели дека за ваквата одлука нема да се плаќаат пенали кон БЕГ.

-Нема да плаќаат ниту граѓаните, ниту индустријата, ниту еден денар, вели Бислимовски.

Откако РКЕ ќе ги одземе лиценците, Владата ќе треба да распише нов тендер за компанија која ќе доставува топлинска енергија до домовите. Но и доколку процесот се одолговлечи, Бислимовски уверува дека скопјани нема да останат без парно греење.

-До именувањето на новиот вршител на енергетска дејност, постоечките компании на БЕГ се обврзани да ја вршат дејноста. Така што, ќе нема никаков проблем, а сигурен сум дека тоа ќе се заврши многу пред почетокот на грејната сезона.

Од БЕГ, компанија која на почетокот на годинава побара од Владата да ја преземе дистрибуцијата на топлинска енергија поради електро-енергетската криза, велат дека причината е лошата финансиска состојба на компанијата.

-Причината за постапката за одземање на лиценците е заради крајно нарушената финансиска ликвидност на компаниите како последица на енергетската криза која се уште е во тек, велат од БЕГ.

Во изминатата година трошоците на компанијата се зголемиле за три пати и поради тоа бара големо зголемување на цената за парно греење.

Во меѓувреме, од Регулаторната комисија велат дека можно е да дојде до промена на веќе претставениот тарифен модел за електрична енергија. Односно за зголемување на блоковите со што би се зголемил опфатот на домаќинства кои ќе плаќаат струја во најевтиниот прв блок. Но, новата цена на струјата ќе се донесе дури откако ќе се воведат овие измени.

-Согласно Уставот во државата за да донесете нова цена на струјата прво треба имате основа. За тоа ќе ги донесеме измените на тарифниот систем. Потоа врз основа на тие измени ќе донесеме и одлуки за цени. Но она што е многу важно е дека ние ги правиме анализите на постоечката одлука, вели Бислимовски.

РКЕ го претстави калкулаторот на нивната веб страница преку кој граѓаните ќе можат да проверат колкави ќе бидат нивните сметки за струја, согласно потрошената енергија.