Македонија
25. October 2019 - 13:07

Ристевска-Јорданова: Напредок во бројот на предмети решени со медијација

Последниве две години во земјава има напредок во бројот на предмети решени со медијација. Комората на медијатори бележи над две илјади предмети за 2017/18 година што покажува дека напорот на медијаторите и поддршката од повеќе страни (Судскиот совет, Врховниот суд, Владата) може да донесе резултати, информира денеска Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика на настанот по повод Европскиот ден на граѓанска правда „Медијацијата и бизнисот – бизнисот расте ако спорот се реши брзо“.

Ристевска Јорданова смета дека медијацијата може да придонесе да се подобри сликата во судството кај нас во поглед на евроинтеграциите, затоа што таа во европските агенди, како што вели, е еден од клучните елементи и „еден од столбовите на кои се потпираат натамошните реформи во правосудтвото на ниво на Европа“.

– Затоа медијацијата е еден од елементите кои може значително да придонесе да се подобри воопшто сликата за реформите во судството, вели Ристевска.

Според неа неопходно е да се даде многу повеќе поддршка на медијацијата, посебно од страна на Владата, со цел, како што наведе, граѓаните и деловната заедница да ги осознаат придобивките од медијацијата и се повеќе да пристапуваат кон медијација како начин на решавање на споровите, а уште повеќе како придонес во градење на култура на доверба меѓу странките во едно општество.

Во наредниот период, како што соопшти претседателот на Комората на медијатори Славе Младеновски, основна интенција ќе им биде да станат членка на Меѓународниот институтот за медијација од Хаг, и на домашен терен да ја информираат јавноста што значи медијацијата.

Комората на медијатори пак, како што информира Младеновски потпишала меморандум за соработка со Владата и заклучок на Владата со кој им се препорачува на јавните претпријатија и државните органи да ја препорачаат медијацијата пред да одат во судска постапка. Комората потпишала и шест меморандуми за соработка со претставници на медијаторските здруженија од европските држави кои се членки на ЕУ и со Швајцарија.

– Насловот на денешната тема е „Бизнисот побрзо расте ако спорот се реши брзо“. Ако оваа порака стигне до граѓаните или правните субјекти, верувам дека ние ќе имаме помалку поделено општество, ќе имаме помалку конфликти а ќе имаме поголема соработка и партнерство меѓу сите нас, дополни Младеновски.

Тој информира дека на медијација може да се оди секогаш кога една од страните ќе иницира постапка за медијација, а другата ќе прифати. Тие не мора да почнат да одат во судска постапка туку можат веднаш да дојдат во постапка на медијација доколку спорот е медијабилен. Законски медијацијата е одредена да трае 60 дена, но од личното искуство на медијаторите таа не трае повеќе од пет дена.