Македонија
19. April 2025 - 16:48

Ристески: Со објавувањето на цените на производите на интернет очекуваме голем бенефит за граѓаните, нема простор за одложување на оваа мерка

Со објавувањето на цените на производите на интернет страниците на маркетите очекуваме голем бенефит за граѓаните па дури и намалување на одредени производи поради конкурентноста. Ова е ставот на заменик министерот за економија Марјан Ристески, кој посочи дека и досегашните мерки на Владата вродиле со плод и според последните податоци на Заводот за статистика имало намалување на цените производите и заштеда кај граѓаните. Согласно Правилникот, сите трговци со над 10 вработени и промет поголем од 50 илјади евра годишно, мора секојдневно да ги објавуваат цените на веб страниците.

„Пред се очекуваме транспарентност за граѓаните да одбираат каде би купувале, онаму каде што се поевтини би купувале нормално, би ги одбирале во кои маркети, кои продавници инт. Со тоа очекуваме да на подолг рок имаме и одредена заштита на животниот стандард, меѓутоа ние имаме одлука и мерки кои траат до крајот на месецот, до крајот на април. Од она што го гледаме теренски и од податоците на Државниот пазарен инспекторат, одлуките кои ги донесе Владата имаат евект, а тоа го докажува и Државниот завод за статистика“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија.

Стопанската комора на трговци побара продолжување на роковите, укажувајќи дека дел од малите трговци сè уште се соочуваат со технички, кадровски и финансиски предизвици за спроведување на оваа мерка. Особено на мерката се пожалија аптеките. Ажурирањето на цените  мора да се врши секој ден до 10 часот. Според Ристески пак нема потреба од одложување на меркат.

„Мерката стапи на сила на 4 март, имаа време од 45 дена да се прилагодат, мислам дека е доволно и голем број трговци на мало имаат свои веб страни и само требаше да воведат нови ценовници, она што предвидува промената на Законот за заштита на потрошувачи. Одлагање нема да има, знам дека има одредени барања, како што најави министерот можеби наредната недела ќе имаме и одредена средба со некои од тие здруженија на аптеки, трговци на мало итн., но да повторам одлагање нема да има“, додаде Ристески.

Инаку контролите дали се почитува законот ќе ги прави Пазарниот инспекторат чии дежурни екипи се веќе на терен и следат дали цената на веб страната е иста како онаа во самиот трговски објект. Казните за трговците кои нема да ја спроведуваат мерката ќе се движат од 500 до 10.000 евра.