Македонија
12. March 2024 - 21:25

Резолуцијата на американскиот Сенат е јасна порака за Скопје, Софија и Брисел

Резолуцијата во американскиот Сенат која е поддржана од двајца демократи и двајца републиканци е јасен показател дека САД е најголем поддржувач на влезот на Македонија во ЕУ, сметаат експертите. 

Поранешниот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски вели дека ова е порака за сите оние кои создаваат конфликти, но и самите држави членки на ЕУ.

- Значајно е што оваа Резолуција е поддржана и од страна на демократските и од страна на републиканските сенатори, со што се постигнува еден консензус за надворешно-политичките цели на САД, и нивното остварување, овде на Балканот. Порака е и за државите-членки на ЕУ дека трансатланското партнерство, партнерството меѓу САД и ЕУ е процес којшто го вклучува и самото проширување, односно обезбедувањето на еден траен мир и стабилност не може да се оствари без процесот на проширување и затворање на оваа слика за вклучување на државите од Западен Балкан во ЕУ, вели Наумовски. 

Дека Резолуцијата е јасна порака и кон Скопје, и кон Брисел, потврдува и поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин. Меѓутоа вели, Македонија мора да си ја заврши домашната работа.

- Факт е дека САД се значаен фактор иако не се членки на ЕУ и имаат големо влијание. Таквата одлука на Сенатот всушност ќе и помогне во извесна смисла на нашата држава полагодно да се приближува кон ЕУ, но секако под услов, ние да си ги осполниме нашите обврски што се пропишани од страна на ЕУ, вели Ружин. 

Според Наумовски, Резолуцијата, но и изјавата на Ескобар се јасна порака и за Скопје и Софија да се стави точка на билатералните прашања.

- Јасно беше кажано дека и двете држави се членки на НАТО, сојузници на САД, меѓутоа, поддршката за проширување значи дека да се затвораат сите билатерални прашања, односно, поширокиот, заеднички интерес е обединување на Европа, а не билатерални прашања коишто го спречуваат тој процес на обединување. Верувам дека оваа порака е упатена и од страна на Сенатот и од страна на високи претставници на Стејт Депратментот ќе биде разбрана од нашите пријатели и соседи во Бугарија и ќе станат свесни дека заедничкиот европски интерес би требало да доминира врз теснонационалните интереси на државите на Балканот, вели Наумовски. 

Уставните измени и внесувањето на Бугарите во него се неизбежни за продолжување на преговорите со Брисел. Двајцата поранешни амбасадори велат дека сега е потребен консензус за националните прашања.