Македонија
26. February 2016 - 11:06

Реконструкција на основното училиште во охридското село Оровник

Со средства обезбедени преку Проект за енергетско-ефикасни објекти во Југозападниот плански регион во тек е реконструкција на Основното училиште во село Оровник, во Општина Дебрца.

Објектот на училиштето е изграден во 1954 година, а со предвидените активности на Бирото за регионален развој ќе биде спроведена негова реконструкција.

Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски денеска изврши увид во текот на градежните активности.

Според динамиката за изведување на градежните активности предвидено е отстранување на стариот дрвен под, изведба на армирано бетонска меѓукатна конструкција, завршна обработка на подови со керамички плочки и ламинат, замена на сите внатрешни врати, замена на надворешната дрвена столарија со нова изработена од ПВЦ профили и реконструкција на санитарни јазли.

Проектот преставува дел од низата проекти кои ги спроведува Општина Дебрца во делот на образованието, подобрување на воспитно образовните установи  и создавање услови за непречено одржување на наставата на учениците и вработените.