Македонија
2. December 2016 - 15:36

Реконструирани тушевите во штипската Градска бања „Кежовица“

Заврши реконструкцијата на одделот за тушеви во Градската бања „Кежовица“ во Штип.

Градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев, вели дека овој оддел не е реконструиран околу 50 години, а сега има одлични услови за капење и во колективните машка и женска бања, како и во одделот за тушеви. Средствата од околу 20.000 швајцарски франци се донација од Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот кој го спроведува Центарот за источен плански регион, а 15.000 евра се обезбедени од буџетот на општина Штип и ЈП „Исар“.

- Лично мислам дека ова што е направено од фирма „Бау инжинеринг“, која го доби тендерот покажува како треба да изгледа еден пристоен објект. Остануваат уште некои мали финеси кои ќе ги довршиме. Придобивка е што нашите граѓани ќе можат да ги користат лековитите води на бањата Кежовица, кои се едни од најлековитите во Европа, вели Захариев.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Ангел Бојаџиев најави дека следен проект во Градската бања е изградба на дополнително уште неколку апартмани за сметување на гостите кои доаѓаат од другите градови и туристи од странство.

Директорката на Центарот за развој на Иточно планскиот регион, Драгица Здравева е задоволна што во кратко време се имплементираше проектот, а најави дека Програмата за зачувување на природата во Македонија преку Швајцарската агенција за развој и соработка ќе продолжи и наредните четири години,  со што општините ќе имаат на располагање 3,5 милиони швајцарски франци.

Општина Штип во близина на Градската бања Кежовица има продадено две парцели за изградба на спа центри, а исто така ќе се гради и обиколница од населбата Пребег до бањата, со цел граѓаните побрзо да пристигнуваат до неа.