Регулаторна одлучи, водата во Скопје ќе остане иста или ќе поскапи за 30 денари на месечна сметка
Цената на скопската вода или ќе остане иста или ќе оди нагоре. Регулаторната комисија ќе достави минимална и максимална тарифа до Водовод, од каде ќе треба да проценат дали и за колку ќе поскапи водата.
Минималната предложена тарифа е 31,53 денари и доколку се прифати, цената на водата ќе остане речиси иста. Максималната тарифа, пак, изнесува 34,82 денари што практично ќе значи 9 процентно зголемување или за 30 денари повисоки месечни сметки.
„Сметам дека 29,5 или 30 денари не претставува никаков проблем за граѓаните. Тоа се само 30 денари на месечно ниво“ изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Откако Водовод ќе ги добие предлозите, има рок од пет месеци да одлучи за цената. Потоа одлуката ќе оди на одобрување во советот на Град Скопје.
Во меѓувреме, се прават пресметки за водата и во останатите градови. Првиот регулатор вели дека претпријатијата имаат зголемени трошоци заради цената на струјата, но смета дека треба да станат поефикасни, бидејќи се превработени.
„Пример, во електродистрибуција, компанија која што прави дистрибуција на електрична енергија во целата држава работат околу 1750 вработени. Јас ви гарантирам ако ги земеме петта најголеми градови, во овие водоводни претпријатија работат 4 илајди луѓе“ вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Барања за промена на цената на водата поднеле претпријатијата од Охрид, Кочани, Ресен и Дебар.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар