Македонија
23. November 2023 - 16:39

Регулаторна ќе ја „аминува“ цената на струјата, ЕВН ќе прави математика

Последниот збор за цената на струјата ќе го има Регулаторната комисија, вели министерот за економија. Пресметките отсега ќе ги прави ЕВН и ќе ги достави до РКЕ, ама ако не се точни може да се одбијат. Откако вчера првиот регулатор не знаеше дали ќе има можност за интервенција на цената доколку е нереална, Бектеши од законот протолкувал дека без „амин“ токму од Бислимовски, цената не може да се објави.

„Толкувањето на членовите и одредбите од законот за енергетика ги прави министерството за економија. Министерството за економија толкувањето го прави дека крајниот збор го има РКЕ, ако треба и писмено тоа ќе го направиме кон регулаторната комисија“ – Крешник Бектеши, министер за економија

ЕВН ќе ги користи истите постоечките формули утврдени од регулаторна, велат од компанијата.

„РКЕ ќе ги одредува цените и тарифите за пренос (МЕПСО), дистрибуција (Електродистрибуција) и за операторот на пазарот на електрична енергија (МЕМО), како и веќе одредената и регулирана маржа на ЕВН Хоме. Само тогаш ЕВН Хоме ќе може да ја направи финалната пресметка.Пред да се примени цената, ЕВН Хоме е должна да ги достави до РКЕ на контрола сите податоци и информации кои се употребени во пресметката, како и драфт пресметките за цените“ – ЕВН Хоум

Иако се уште не е направен пресек на трошоците на енергетските компании, Бектеши уверува дека цената нема да се менува. Ова е спротивно на изјавата на вицепремиерот Битиќи кој пред само два дена рече дека цената за поголемите трошаџии најверојатно ќе оди нагоре.

„Цената на електричната енергија нема да се зголеми, и во блоковите и во целина. Моментално се прават анализи од страна на РКЕ и надлежните институции“ – Крешник Бектеши, министер за економија

„Евентуалната промена на цената на електрична енергија да не падне на товар на тие во првиот и втор блок, туку кај тие во третиот и четвртиот блок“ – Фатмир Битиќи (20.11.2023)

Какви ќе бидат фактурите од Нова Година најмногу ќе зависи од тоа колку струја ќе произведе ЕСМ и по која цена ќе ја продава на ЕВН. Цената ја одредува Владата и сега е 53 евра за мегават. Дали има простор да оди надолу, Бектеши не сакаше да каже.

Петгодишниот договор на ЕВН истекува следната година, па Владата веќе подготвува повик за нов универзален снабдувач со струја за малите потрошувачи и домаќинствата. Победува оној што ќе понуди најниска маржа, а Бектеши е убеден дека таа ќе биде помала и од сегашната која изнесува 11%.