Македонија
8. October 2019 - 16:41

Регионалните претставници на СОНК незадоволни од предлогот на Владата

Регионалните синдикални претставници се незадоволни од владиниот предлог, просветните работници да добијат 10 отсто покачување од април. Претседателот на СОНК, Неделков вели дека досега традиција било платите на наставниците да се зголемуваат или од први септември или од први јануари. Во моментов Владата, според него, сака да заштеди неколку месеци на сметка на просветарите.

-Па во воздухот струи незадоволство од понудените 10 отсто и особено од кога ќе почне имплементацијата. Тоа ние денеска многу конструктивно му го кажавме на министерот. Бараме од 1 јануари да биде зголемувањето на платата и со соодветно повисок процент. Се разбира дека тоа се наши првични сознанија како членството размислува, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Регионалните претставници велат, предлогот не е според барањата на синдикатот. Сепак, ја поздравуваат заложбата на министерот Адеми, и се оптимисти дека ќе најдат заеднички јазик.

-Ние никогаш нема да бидеме задоволни и со 10 и со 15 отсто. Образованието заслужува се повеќе и повеќе. Мислам дека и луѓето што се во Владата се излезени од нас или постарите колеги, вели еден регионален претставник.

-Никогаш не е доволно. Секогаш може и повеќе, вели друг претставник.

Министерот Адеми, пак, тврди, ова е историско покачување на платите на просветарите. Вели дека е задоволен од исходот, дури и лично од позиција на професор.

-Имајќи ја предвид споредбата со покачувањето на платите во изминатите години од осамостојувањето на нашата држава досега – јас сум задоволен. Јас сум задоволен, но тука не прекинува нашата заложба за подобрување на состојбите во националниот образовен систем. Тоа е предизвик на сите нас, вели министерот за образование и наука, Арбр Адеми.

Членството на СОНК во следните неколку дена ќе се произнесе дали е задоволно од владиниот предлог или не. До крајот на неделата или почетокот на следната, Советот на Синдикатот ќе објави дали ќе го прифати предлогот или целата постапка ќе се врати на почеток.