Реформи во земјоделството, висок квалитет во млекопроизводството за пласман на пазарот
Земјоделски реформи во производството на индустриски култури и промени во модернизацијата и повисок квалитет во млекопроизводството се главните аспирации на Министерството за земјоделство, на експертите и на проектите од ЕУ и УНДП во пресрет на членството во Европската Унија. Ново индустриско производство во регионите во Северна Македонија ќе го унапреди земјоделството, а зголемувањето на квалитетното млекопроизводство ќе обезбеди пласман во земјава и надвор од неа. Рокот е до крајот на идната година.
Кои се фактите?
На македонското земјоделство му се неопходни реформи и продуктивност во производството, констатираат од македонското Министерство за земјоделство и од ИПА-фондовите на Европската Унија од каде што се финансира продуктивноста во производството и пренаменување на површините со нови култури.
Од пет проекти во земјава, два се спроведуваат во Прилепско за унапредување на тутунското призводство, а од вкупно 40-те во земјава има пренамена за засадување нови култури. Сѐ е во рамките на реформите во македонското фармерско производство.
Виктор Наумоски, земјоделец од прилепско Крушеани, првпат насади растение стевија со органски шеќер за дијабетичари, а Стефан Велески од прилепско Беровци го унапредува тутунопроизводството. Прилепските фармери се обидуваат да бидат ефикасни и продуктивни во производството и да ги впрегнат реформите во македонското земјоделство.
– Имам околу еден декар со стевија, првпат годинава засадувам преку европските фондови. Очекуваме подобри примања и полесна работа со површините. За насадите со стевија се решивме поради пласманот и побарувачката на ова растение, од кое се добива органски шеќер за дијабетичари. Очекувам добар принос за потоа од Северна Македонија да се извезе во странство. Ова е опитен насад, би требало да се добри приносите, зашто поднебјето е добро, иако на ниски температури не успева. Очекуваме резултати. Ако е успешно, ќе го прошириме производството. Инаку, садам тутун, пченка, градинарски култури, објаснува земјоделецот Виктор Наумоски од прилепско Крушеани.
Се унапредуваат површините со тутун преку примена на агромерки и нови пристапи, нагласува професорот Мирослав Димитриески. Тој стручно ги надгледува површините, експериметални, со тутун во прилепското село Беровци со примената на современи агромерки.
– Суштината е да се следи состојбата со тутунопроизводството, да се примени оптимална агротехника и да се произведе квалитетна тутунска суровина. Односно, да се третира кога ќе има потреба, а не предвремено. Во овој пилот-проект досега не се појавила никаква болест кај тутунското растение, објаснува професорот Мирослав Димитриески, експерт за тутунопроизводство.
Со еден милион евра од ИПА-фондовите, Европската Унија финансира проект за реформи во земјоделското производство, особено во внесување нови култури и за унапредување на тутунопроизводството.
Костас Супилас од делегацијата на ЕУ нагласува дека ЕУ поддржува повеќе проекти во земјоделскиот сектор.
– Примената на нови техники и земјоделски култури е проект од ИПА-фондовите. Ние ги поддржуваме реформите во тутунскиот сектор. Овој проект е од еден милион евра. Ова е дел од повеќето проекти што ги финансираме, вели Супилас.
Димитар Ванев, тим-лидер на проектот за реформи во тутунскиот сектор и за заеднички земјоделски политики во земјава, смета дека реформите во земјоделството се долг и тежок процес.
– Преименувањето на културите е мошне тежок и сложен процес. Направивме теренска анализа на проектот и преку 40 пилот-проекти. Користевме повеќе диверзификации. Во пилот-проектите ги вклучивме растенијата стевија, афион, опиумот, ароматичните растенија. По целосните анализи што ќе ги завршиме на сите пилот-проекти ќе направиме анализа на придобивките и на слабите страни и ќе ги одбереме најдобрите можности. Што се однесува до подобрувањето на ефикасноста на одгледувањето тутун, имаме десет фарми што се насочени кон контролирано производство на тутун, попознато како интегрирано производство. Со намалувањето на трошоците, се добива поголемо производство. Работиме и со опитни фарми за нови сушарници за тутун, а она што е ново во светот и е интересно е опит со флоутинг-треј систем. Тоа во превод се поврзува со „летачки чинии“. Имено, тутунот се сади во специјална течност и се добива поголем квалитет од тутунот што се сади на традиционален начин, објаснува Ванев.
Габриел Тренсадо, директор на шпанските земјоделски задруги, е дојден во Северна Македонија за советодавни услуги и вели дека заедништвото е битно за фармерите.
– Мојата улога е да ја советувам Владата да изгради стратегија за усогласување со европската легислатива за ситуацијата со земјоделците да се реши на солидно ниво. Односно, да им се даде знаење и да се подигне свеста кај земјоделците за реформите што ќе се спроведат и да им се овозможи полесно и поефикасно да се организираат за да ја спроведуваат својата работа на соодветен начин. Моите совети се фармерите да се држат заедно за да бидат поефикасни и попродуктивни на пазарот и да бидат деловни луѓе кои заеднички ќе ги спроведуваат активностите, смета Тренсадо.
Неопходни се реформи во земјоделскиот сектор, но што се случува во млекопроизводството?
Македонското млеко мора да го зголеми квалитот до крајот на идната година ако сакаат фармерите да имаат производ на пазарот. Во спротивно, ќе останат без пласман, велат стручњаците. Засега, само 3,7 отсто од 70 проценти фарми во земјава ги исполнуваат критериумите и би се вклопиле во европските пазари.
Според податоците, дури 75 отсто фарми се со една до три крави. Професорката на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, Соња Србиноска, нагласува дека проблемот е комлексен со млекопроизводството во земјава. Но мора да се реши до крајот на 2020 година, зашто ако не се нуди квалитено млеко на македонскиот пазар, нема да се откупува, а фармерите ќе се најдат во незавидна ситуација. Мора да има став на релацијата: фармери, млечна индустрија, државни институции.
– Во моментов, еден од најголемите предизвици со кој се соочува млечниот сектор е квалитетот на суровото млеко. Според испитувањата на Агенцијата за храна и ветеринарство и испитувањата на околу 70 отсто од фармите, беше утврдено дека само 3,7 отсто од фармите ги исполнуваат условите во однос на квалитетот на млекото од аспект на вкупен број бактерии. Тоа значи дека сѐ уште нашите фармери не може да ги исполнат барањата што кај нас веќе се законски дадени. Но, до крајот на 2020 година сите фармери кои нема да ги исполнат условите во однос на бактериите во млекото не ќе може тоа млеко да го пуштат во промет. Тоа значи не ќе може да го продаваат и да обезбедат соодветен профит. Тоа е огромен проблем и прашањето е ургентно. Фармерите мора да посветат големо внимание, а и ние, како политики, да направиме соодветна контрола и да ги поддржиме фармерите. Дали преку млечната индустрија, во помошта за инвестирање или преку едукации. Битно е фармерите колку што е можно побрзо да стигнат до овие нормативи, кои се ригорозни и, за жал, може да им донесат негативни ефекти, објаснува професор Србиноска.
Таа додава дека квалитетот на млекото е долгогодишен проблем и оти со години преку различни правилници се прават обиди да се воспостават нормативи што постојат во ЕУ.
– Два – три пати го продолжувавме рокот на правилникот и им дававме можност на производителите да се приспособуваат, но тоа не даде ефект. Основниот проблем можеби е што и млекарниците не го ценеа тоа. Само некои млекарници плаќаа поквалитетно млеко, а другите рамноправно плаќаа и не беа заинтересирани за подобрување на квалитетот на млекото. Тоа ги обесхрабри добрите фармери кои произведуваа поквалитетно млеко. Инаку, тоа бара и финансиски вложувања и труд. Ако не бидат наградени за поквалитетно млеко, не може да се очекува да го произведуваат. Се планираше повисоки субвенции за оние што произведуваат поквалитетно млеко, што е голема стимулација. Значи, ситуацијата е комплексна, а и нашите фарми се мали. Дури 75 отсто се мали фарми со една до три крави. Не се строго насочени спрема млекопроизводството, туку се занимаваат и со други земјоделски дејности, вели професор Србиноска.
Државата мора да отвори заедничка лабораторија за македонските фармери за контрола на квалитетот на млекото за да им олесни на сите.
– Иако млечната индустрија е заинтересирана за поквалитетно млеко, сепак, некои млекарници немаат ниту соодветни лаборатории за контрола. Од друга страна, фармите се мали, не може да се спроведе систем на контрола. Можеби е најдобро воспоставувањето државна контрола преку интегриран систем за анализа и контрола на млекото. На тој начин млекарниците ќе може да ги користат анализите и на соодветен начин да ги наградат фармерите, вели професорката Србиноска.
Според параметрите, во Европската Унија во промет се става млеко со 100.000 микроорганизми. Другото млеко воопшто не влегува во промет. На пример, ако Бугарија влезе со 10 отсто од фармерите кои исполнуваат услови, Романија со 17 отсто од фармерите кои исполнуваат услови, а Словенија влезе со над 40 отсто.
– Зошто се овие притисоци? Ако ние не ги исполниме барањата во однос на суровото млеко, може да се случи со влегувањето во ЕУ, нашите фарми да не може воопшто да го дадат во промет млекото. Односно, млекарниците да не смеат да го откупуваат тоа млеко. Значи, најголемиот проблем е што ние немаме соодветна контрола. Би сакала да имаме сеопфатна контрола за да знаеме колкав број од нашите фарми ги исполнуваат условите, односно млекото ги исполнува условите за квалитет, заклучува Србиноска.
Моменталните недостатоци во македонското млекопроизводство на површина издвојуваат два проблема: досегашното традиционално производство и недостигот од работна рака. За да се решат проблемите, неопходна е модернизација, сметаат од невладините организации и проект-менаџерите кои поддржуваат проекти од УСАИД и од ЕУ.
Димче Дамјановски од проектот за развој на деловни екосистеми на УСАИД вели дека македонските фармери се на крстопат и мора да решат дали се за модернизацијата која ќе ја замени работната сила, нудат и кредити.
– Најголем проблем во моментов гледаме во непрофесионалноста, традиционалниот начин на млекопроизводство. Но, најкритичен момент е недостигот од работна сила. Со водечките претставници на млечната индустрија, со фармите, соработуваме на унапредување на млекопроиводството во Пелагонија. На земјоделците им помагаме: во едукацијата, работата на терен, во набавката на современа опрема и материјали што ќе им помогнат на производителите да бидат попродуктивни и поефикасни. За таа цел инсистираме, со поголемите фарми, на слободниот систем на одгледувањето на молзните крави, во употребата на нова технологија за храната, молзењето на кравите и со сите материјали и опреми што ќе им ја олеснат работата. Земјоделците ги прифаќаат новитетите, но недостигот од работна сила е голем проблем. Особено што нашите фарми се со традиционален, врзан систем на одгледување и имаат побарувачка од голема побарувачка на работна сила, а станува збор за тешка физичка работа. Бидејќи младите се отселуваат, сè постара е популацијата во сточарството, па голем дел земјоделски стопанства се на раскрсницата од опстојувањето. Постојат две алтернативи, или ќе применат современа технологија што ќе ја замени работната сила, или ќе ги затворат земјоделските стопанства. Како проект на УСАИД даваме поддршка со директните компании, водечките млекарници и со 50:50 кофинансираме за развој на кооперантите кои се во групата за можен развој на нивните фарми, особено во воведувањето нови технологии, објаснува Дамјаноски.
Марина Тошеска, претседателка на Локалната акциска група „Лидер“ од прилепско Кривогаштани во рамките на проектот „Подобрување на продуктивноста и пазарниот успех на македонските фармери“, поддржан од проектот „Развој на деловниот систем“ на УСАИД и во соработка со проектот за претставување и воведување организација на пазарот, поддржан од ЕУ, еден од клучните проекти во млечниот сектор одржа работилница за пелагониските млекопроизводители за да се презентираат: процената на пазарот на млеко и млечни производи во нашава земја, да се дадат некои насоки за подобрување на млечниот сектор под примарното производство кај фармерите, па сè до млекопреработувачкиот сектор и до крајниот потрошувач. Воедно и да им се овозможи на фармерите, на претставниците од млекарниците, од јавниот сектор и од институциите да може заедно да соработуваат и преку дискусија да дадат идентификација на клучните приоритети за да се подобри млечниот сектор.
– Свесни сме дека млечниот сектор треба да биде двигател не само на локалната, туку и на националната економија и да овозможи одржлив развој во руралните средини. Моментално, млечниот сектор се соочува со многу предизвици. Сѐ уште имаме традиционален начин на производство. Следејќи ги тековите во Европската Унија, треба да преминеме на модернизација на нашите фарми, на прогресивен начин на производство за млекопроизводителите да имаат подобра економска одржливост и да се насочат за зачувување на сточарството. Се надеваме, преку соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со релевантните институции и преку вакви проекти со донаторство од УСАИД и ЕУ ќе се подобри млечниот сектор, модернизација на фармите, за да постигнеме повисоко ниво и да допреме до европските стандарди, објаснува Тошеска.
Согледувајќи ги моменталните текови, на македонското земјоделство му се неопходни реформи, а на млекопризводството поттик за квалитетно и современо, модернизирано производство, конкурентно на пазарите.
Елизабета Митреска/МИА
Ново на Сител
-
Шекеринска одржа прием и им се заблагодари на сите чинители за поддршката
-
Украина објави дека руската ракета истрелана кон Дњепар развила брзина поголема од 3.773 метри во секунда
-
Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје
-
И кажале дека има биткоини вредни 900.000 ден. но мора да има пари на сметка, измама во Куманово
-
Снегот ја парализира Западна Европа: Илјадници заглавени камиони и милионски штети
-
48 годишен кумановец физички нападнат од сопругата
-
Туск: Војната во Украина станува драматична и реално се заканува да стане глобална
-
Четвртфинале во Лигата на нации: Холандија ја чека Шпанија, Данците одат на Португалија