Македонија
30. September 2017 - 13:28

Редизајниран Конкурсот за Годишната програма за проекти од културата

 

Министерството за култура денеска на својата веб-страница ќе го објави Конкурсот за Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година, кој е редизајниран и усогласен со новата стратегија за културен развој. 

Министерот Роберт Алаѓозовски на прес-конференција рече дека ја исполниле целта конкурсот  да го објават во септември, кога е законскиот рок, но во исто време успеале, рече, значајно да ги редизајнираат конкурсните документи. Тие се во согласност со критериумите и приоритетите на новата стратегија за култура  која е се уште во јавна расправа. 

- Конкурсните документи со години беа непроменети, културната јавност постојано имаше забелешки и мислиме дека моделот што сега го нудиме ќе излезе во пресрет на нивните потреби. Тие ќе донесат поголема вклученост и повеќе шанси за сите културни дејци да се занимаваат со култура, да обезбедиме култура до сите, рамноправен и децентрализиран пристап кој ќе ги покаже вистинските вредности на културната фела и на современата култура, рече Алаѓозовски. 

Конкурсот е наменет за физички лица кои се државјани на Република Македонија и за правни лица од областа на културата. Не е наменет за националните установи, кои се финансирани преку нивните  годишни програми за кои постои посебен повик. Рокот  на конкурсот е до 15 ноември, а резултатите ќе бидат објавени околу нова година. За поддршка и помош на заинтересираните корисници ќе бидат организирани и инфосесии во наредните 45 дена додека е отворен.

Оливер Мусовиќ и Валентина Поцевска од работната група за подготвување на новата стратегија за културен развој на прес-конференцијата ги соопштија новините во редизајнираниот конкурс и методологијата по која се утврдени новите критериуми. За секоја дејност од културата сега ќе има само една пријава, а не различен број  како досега - на пример пет во издаваштво, а една за архитектура или визуелни уметности. Во секоја дејност и во секоја категорија ќе има упатства за пополнување. 

- Во однос на конкурсните документи нотиравме неусогласеност по дејностите, документите за пријава не беа секаде развиени на исто ниво, некаде со премногу детали, а во други дејности немапе никакви насоки. Претходно имаше голема разноликост и ние се обидовме тоа колку-толку да го усогласиме и да примениме унифициран модел за сите дејности, соопшти  Мусовиќ. 

Новина е, рече, што конкурсот го отвориле за посложени проекти, односно тие што вклучуваат активности од повеќе категории во една дејност. Пр. за публикации од ликовна уметност или театар ќе се аплицира во нивните основни дејности, а не во издаваштво. Новина е и посебната пријава за интердисциплинарни проекти, кои се претежно од независната културна сцена, а кои досега ги имаше само како категорија во меѓународна дејност. Ревизија има и во приоритетите кои во план е да се менуваат годишно.

- Приоритетите не треба да се разберат како причина за исклучување, туку како стратешки правец за годината. Со нив сакавме да ги поттикнеме тие кои досега можеби не биле препознаени. На пример, во во музика приоритети во 2018 ќе бидат џез, рок, современа и електронска музика, што не треба да се сфати дека нема да се поддржува класична и фолклор, кои и онака секогаш биле доминантни во музичката дејност, рече Мусовиќ, додавајќи дека и составот на комисиите ќе биде проширен со луѓе кои ги покриваат тие нови дејности, а не да бидат од ист профил.

Се напушта и квантитативниот принцип во форма на бодување или број на освоени награди. - Нив ги сметаме како услови да се оневозможи пристапот за сите, а често се користеле само како изговор за одбивање, а не придонесувале вистински во квалитетот на одлуката, додаде Мусовиќ. 

Поради техничката неподготвеност на секторите, за овој конкурс не е направена електронска пријава за прием на пријавите по и-мејл. Очекуваат дека за конкурсот за проекти за 2019 ќе развијат електронски систем на пријавување преку веб-страницата. Од листата на задолжителни документи за овој конкурс не успеале да го тргнат ни  ДДР образецот, за кој планираат во иднина да биде обврска на Министерството за култура по службена должност, а не обврска на учесникот на конкурсот. 

- Бидејќи овој повик за Годишна програма се објавува сега, а треба да опфати проекти дури до крајот на годината, веројатнио ќе го дополниме со уште еден отворен повик кој ќе трае во текот на целата година со т.н. ад хок повици за сите кои имаат поитни проекти да може да изреагираат, рече министерот Алаѓозовски и соопшти дека ќе воведат и специјален повик за мобилност за уметниците и културните работници да може да патуваат во странство на конференции и состаноци.