Ребалансот пред пратениците
Прекројување на државната каса за да има пари за реализација на 4 сет мерки, со кој ќе им се помогне на граѓаните и фирмите полесно да го пребродат кризниот период. Ќе се потрошат 4,1 милијарда евра, или 162 милиони повеќе од првичните проекции. Приходите остануваат на исто ниво или 3,1 милијарда евра. Со што буџетскиот дефицит ќе биде историски највисок - скоро милијарда евра. Се зголеми и јавниот долг на 6,5 милијарди евра, или надмина 60% од БДП, но ребалнсот е неопходен за да се зачуваат работните места и да се поттикне личната потрошувачка, вели министерот Бесими.
- Со ребалансот на буџетот се овозможува спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности и да обезбеди стабилност на социјалните трансфери, истакна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими пред пратениците. Таргетираните мерки ќе го амортизираат ударот врз погодените домашни компании преку стимулирање на приватната потрошувачка и поддршка на приватниот сектор, рече Бесими.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ сметаат дека скроениот пакет мерки е популистички и наменет за поткуп на граѓаните. Наместо да се инвестира во капитални проекти, државата дели картички и органзира Викенд без ДДВ кој се покажа како тотално фијаско, вели пратеникот Мицевски. Побара од Бесими да биде внимателен, за да не заврши неславно како неговите претходници Тевдовски и Ангеловска.
- Вие сте искусен човек во финансиите но ветувате многу, а очекувам според ова како оди економијата да завршите слично како и вашите претходници. Затоа намалете го персоналниот данок , како што побаравме ние од 10 на 9%. Тогаш придобивките ќе бидат за сите граѓани, изјави Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија проднесе 176 амандмани, меѓу кои бараат повисоки плати во здравството, за да не си одат докторите во приватниот сектор. За предлог ребалансот комисиската расправа трае 10 дена, по што ќе оди на усвојување кај пратениците. Според законот, треба да го изгласааат во рок од 7 дена.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар