Македонија
10. March 2016 - 17:36

Реакција на МИОА на прес-конференцијата на дополнителниот заменик-министер Кирацовски

Министерството за информатичко општество и администрација реагира на денешната прес-конференција на дополнителниот заменик-министер Александар Кирацовски оценувајќи ја како партиска. МИОА посочува дека Кирацовски е четири месеци на функцијата, а дека на секоја прес-конференција ја критикува работата на органот со кој би требало да раководи и да го претставува.

- Со оглед на фактот што дополнителниот заменик на министерот веќе располага со податоци во однос на институциите и нивниот број на вработени, ќе беше добро, заради целосна претстава на јавноста, да каже дека од листата на институции се избришани пионерските домови, работничките универзитети и јавните претпријатија кои се ликвидирани и во кои нема вработени. Ќе беше доследно ако кажеше дека првпат во последните 70 години, Министерството за информатичко општество и администрација ја утврди листата на сите институции на јавниот сектор, работа која траеше со месеци и за која огромен труд вложија вработените во Министерството, соопшти МИОА.

Министерството посочува дека согласно со член 32 став (1) од Изборниот законик, никаде не се бара Министерството за информатичко општество и администрација да доставува податоци од Регистарот на вработените во јавниот сектор.

- Податоците кои се бараат, Министерството веќе ги има обезбедено, а доколку Кирацовски смета дека тие не се точни, тоа ќе мора да го поткрепи со докази, а не со паушално дадени изјави, стои во реакцијата на МИОА. 

Во врска со Регистарот на вработените во јавниот сектор, МИОА наведува дека ги презема сите законски надлежности за тој да биде пополнет во најкус можен рок, а најголем бенифит од тој Регистар, се посочува во соопштението, ќе има токму Министерството затоа што податоците во него му се неопходна алатка за понатамошно водење на процесот на реформа на јавната администрација.

МИОА го повика Кирацовски на прес-конференција да и соопшти на јавноста дали и кога Општина Струмица има донесено акти за внатрешна организација и за систематизација, како и дали податоците за таа Општина се внесени во Регистарот.

- Исто така, нека каже какви беа реакциите од ЈП Паркинзи Центар, кога управниот инспекторат побара податоци за статусот на актите и податоците на оваа јавно претпријатие. Доколку не одговори на овие прашања, тогаш ние ќе го дадеме одговорот, а граѓаните ќе сфатат дека сите досегашни прес-конференции на Кирацовски се гола политичка манипулација и лицемерие, наведува МИОА во реакцијата. 

МИОА посочува и дека најголем доказ за неговото транспарентно и отчетно работење е алатката https://proverkaregistar.hrm.gov.mk промовирана на 18-ти минатиот месец за проверка на записи во базата на вработени во јавниот сектор и дека до податоците може слободно да се пристапи.