Македонија
22. December 2016 - 14:40

Реакција на Авалон продукција за откажувањето на новогодишниот пречек во Скопје

Авалон продукција реагира на одлуката на Град Скопје да го ооткаже најавениот концерт за пречек на Нова година и на начинот на кој го направил тоа - преку медиумите, наместо претставници од продукцијата да бидат повикани на состанок и да бидат консултирани.

Во официјалниот став Авалон наведува дека сите што требало да учествуваат на пречекот на плоштад биле докажани хуманитарци и во своите екипи имаат музичари кои се ангажирани вечерта и живеат од таа работа. Поради тоа, не е исклучена тужба до Град Скопје која, како што наведува продукцијата, „не е ничиј хир, туку едноставно е одраз на некаква прагматичност во целава ситуација“.

- Кога е во прашање евентуална тужба, за која сопственикот на Авалон Продукција Бобан Милошески пишува на неговиот приватен профил на Фејсбук, нашиот став е дека доколку од нас, од страна на сите ангажирани во овој проект биде побарано некакво обештетување, ние ќе мора да го бараме тоа обештетување од оној од којшто бевме агажирани, во случајов Град Скопје.  Доколку сите инволвирани во проектот сметаат дека не треба да бидат обештетени, се разбира дека Авалон Продукција нема да го тужи градот Скопје и ова ќе остане запаметено како историски преседан и аматеризам и тотално понижување на тоа што значи македонски артист и тоа што значи професионалност, наведува Авалон во соопштението. 

Продукцијата посочува дека била ангажирана да организира пречек на Нова година со македонси изведувачи и со скромниот буџет кој бил на располагање, во недостаток на сериозни финансиски средства со коишто, како што вели, досега биле ангажирани скапи изведувачи од соседството.

- Под неверојатниот и нереален медиумски притисок, Градот Скопје попушти и одлучи да го откаже традиционалниот дочек на Новата година на градскиот плоштад, веројатно сметајќи дека нема никаква пречка за тоа, поради фактот што не се ангажирани скапи артисти од соседството, туку македонски изведувачи, пишува Авалон.

Притоа Град Скопје, додава Авалон, немал предвид дека новогодишен пречек на плоштад се организира од хуманитарни причини зашто доаѓаат и луѓе кои не можат да си дозволат друг тип прослава и дека ангажираните уметници не се пријавиле самите за настап, туку од нив било побарано да настапат, со што им е одземена можноста за работа на друго место  

- Авалон Продукција воопшто не беше консултирана за оваа одлука на Град Скопје и повторуваме дека ова немаше да се случи доколку ние за оваа прилика за Градот Скопје ангажиравме некои естрадни ѕвезди од соседството. Сигурно е дека ќе имавме договори во коишто тие ќе беа заштитени и сигурно е дека уште при потпишувањето на договорите ќе беа стандардно уплатени 50 отсто од средствата како што е стандардно вообичаено во овој бизнис, стои во реакцијата на Авалон продукција.