Бизнис
12. јуни 2020 - 16:41

Реакции - ученици и студенти ги нема на листата за платежни картици за купување домашни производи

Невработени, студенти, средношколци, лица со минимални примања ги нема на листата за добивање домашна платежна картичка. Бројни се коментарите на граѓаните кои очекувале дека ќе добијат помош од 3 или 9.000 денари, со оглед на тоа дека ги исполнуваат условите – но на официјалната страна добиваат одговор дека не им следуваат ветените пари. Обвинуваат за селективност и бараат одговор од надлежните – По кој критериум се доделуваат картичките?

Министерката Ангеловска вели дека лицата кои ги нема на листата можат да пријават на официјалниот меил до генералниот секретаријат на Владата.

Но, електронската адреса каде треба да се пријави е недостапна. Пораката се враќа со известување дека сандачето е преполно и затоа меилот не може да се прати.

Од Владата без одговор – колку поплаки до сега се пријавени, каде настанал проблемот и зошто приговорите не можат да се пратат. Инаку денеска префрлени се 28 милиони евра кон банките кои треба да ги изработат платежните картички за 4 категории граѓани. Невработени, социјалци, лица со плата под 15 илјади денари, млади од 16 до 29 години, како и здравствените работници, кои ќе бидат наградени затоа што за екот на пандемијата максимално се залагаа.