Македонија
12. December 2025 - 16:49

Реакции по предлогот полициски инспектор да стане член на Судски совет

Полицискиот инспектор од СВР Тетово, Аљбан Кадриу, кој е предложен за член на судскиот совет, предизвика реакции кај стручната јавност. Невладините од групата за реформи во правосудството се изнанедни што предлогот доаѓа кога во собранието е веќе почната постапката за донесување на новиот закон за судски совет кој предвидува построги критериуми за избор член на советот од редот на истакнати правници. Апелираат до Собранието прво да го донесе законот, па потоа да се пополни испразнетото место во Судски.

„Одолговлекувањето на постапката за донесување на законот и притоа, сега, избрзувањето на Собранието со избор на член по старите критериуми, практично го оддава тој впечаток на недостиг на волја и доследност во имплементацијата на реформите, бидејќи може да се оддаде впечаток дека на овој начин практично се заобиколуваат оние нови заострени механизми и целата таа потранспарентна постапка која треба да биде спроведена за ваквиот избор“, изјави Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“

Полицискиот инспектор Кадриу за нов член на Судски го предложи Собраниската комисија за избори и именувањата. Местото во советот е резервирано за етничките заедници кои се над 20 отсто во државата. Критериум е кандидатот да биде истакнат правник. Во биографијата на Кадриу, пишува дека студирал на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, со успех го положил правосудниот испит, работи во СВР Тетово, а моментално спремал и докторат. Тој треба да седне на местото на Селим Адеми, кој беше предложен од Собранието, а денеска му заврши и вториот шест годишен мандат.

Од Судски денеска замина и Весна Дамева која како истакнат правник влезе во советот по предлог на поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски.

Актуелната претседателка пак веќе најави дека нов член на советот ќе предложи откако ќе биде донесен законот за Судски. Со него истакнат правник ќе се смета кандидатот кој има најмалку 15 години работно искуство во правната професија, минимум три препораки од универзитетски професори, адвокат или Уставен судија.