Македонија
7. August 2023 - 16:33

Реакции по интервјуто: Каде Ковачевски виде гаранции дека нема да има нови услови од Софија?

Несериозни и нереални се изјавите на Ковачевски дека бугарските државници нема да имаат дополнителни и нови услови по уставните измени, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашното интервју на премирот во кој тој тврди дека нема да има нови бугарски барања во процесот на македонската евроинтеграција. Од партијата на Мицкоски велат дека Ковачевски во интервјуто се повикал на непостоечки изјави од официјална Софија.

-  „Истовремено, нема осуда за пораките за 2-ри Август од Софија. Имено и бугарскиот претседател Радев и бугарскиот премиерот Денков, Илинденското востание го декларираа како бугарско, чија крајна цел била присоединување на Македонија кон Бугарија. Ова е историска невистина, претставува директно негирање на македонскиот идентитет и темелот на македонската државност, но и патоказ за бугарското делување во иднина. Ковачевски ова го премолчи во интервјуто и нема ниту збор за него. Јасно е дека Бугарија е подготвена преку протоколите и преговарањето за заедничката историја да го смени целосно наративот на македонската историја и државност и истото да го претвори во услов за нашето напредување кон Европа. Ковачевски ова го прифати, па сега бара национален консензус. Што значи, со други зборови, други да ја споделат со него одговорноста за катастрофалната политика и дипломатија. Националното единство Ковачевски со неговата ароганција и игноранција пропушти да го направи пред точно една година. И тогаш и сега порачуваме, промена на Уставот под бугарски диктат нема да има!“ - изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. 

Премиерот Ковачевски во вчерашното интервју за МИА рече „Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“.

Здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин пак, на Фејсбук укажува на неколку настани од кои, како што велат, се гледа како Бугарија гради доборососедските односи. 

Од Здружението наведуваат 4 настани: инцидентите на навивачите на Левски во Скопје, изјавите на Радев и Денков дека Илинденскотот востание го кренале македонските Бугари, изјавата на српскиот министер  Дачиќ кој бара реципроцитет од Софија во признавањето на малцинставата, како и последниот инцидент на Бугарин кој го симна грчкото, и го постави бугарскотот знамево грчка Кавала. 

- „За само 10 дена, (Бугарите) успеаја да деградираат и дискриминираат 4 различни народи, 3 земји и милиони граѓани од Македонија, Србија и Грција“, заклучуваат од ОМО Илинден Пирин.

Во меѓувреме, бугарската Фондација Македонија објавува дека почнала да собира донации за пет онлајн медиуми во државата, од кои два се веќе активни.

„Нашите медиуми во Северна Македонија стануваат 5. Во септември планираме да отвориме студио во Скопје, од каде ќе се емитуваат нашите програми и вести за нашата онлајн телевизија во Македонија“, соопшти Фондацијата преку нејзиниот профил на Фејсбук.

Фондацијата повикува секој да ѝ донира колку што може за да се подобри ситуацијата на Бугарија во Македонија. 

Нејзиниот претседател Стојанов, за македонски медиуми објаснува дека донациите главно се од бугарски државјани, а во порталите ќе работат македонски новинари кои ќе снимаат видеа, поткасти и интервјуа. 

Во истата објава на Фондацијата, стои дека таа деновиве ќе презела и фудбалски тим од Македонија за 15 илјади евра кој би играл во втората македонска лига. Минатата недела од Фондацијата тврдеа дека дале понуда за купување на фудбалскиот клуб Варда, што веднаш беше демантирано од клубот.