Свет
21. April 2018 - 12:42

Реакции на САД, Русија, Јапонија и Кина по одлуката на Северна Кореја да ги прекине нуклеарните и ракетни проби

Претседателот на САД, Доналд Трамп реагираше веднаш на „Твитер“ на веста дека Северна Кореја ќе ги прекине тестовите на балистички проектили со долг дострел и планира затворање на полигоните за тестирање на нуклеарни бомби.

- Северна Кореја се согласи да ги прекине сите нуклеарни тестови и да го затвори големиот полигон за тестирање. Ова е многу добра вест за Северна Кореја и за светот - голем напредок! Со радост го очекувам самитот, напиша Трамп на „Твитер“.

За одлуката на Северна Кореја се огласи и Москва.

- САД треба да преземат возвратни  мерки откако Северна Кореја соопшти дека ќе ги прекине нуклеарните тестирања, изјави шефот на Меѓународниот комитет на Советот на Руската Федерација, Константин Косачов.

Тој, во пораката објавена на Фејсбук, оцени дека одлуката на Северна Кореја не е доволна за да се нормализира ситуацијата на Корејскиот полуостров, туку се неопходни „оперативни, по можност демонстративни  возвратни мерки" на САД.

- Прекин на агресивната и деструктивната реторика. Признавање на суверените права на Северна Кореја за сопствен развој. Престанување со заканите за промена на власта во таа земја преку надворешено мешање. Прекин на воените активности кај границата на Северна Кореја. Покренување на политички дијалог, наведе рускиот сенатор.

Тој изрази надеж дека меѓукорејскиот самит и самитот на Северна Кореја-САД „сигурно ќе се одржат".

- Нашиот дијалог со севернокорејските соседи во ниту еден момент не беше прекинат. Тоа беше одговорна, прецизна, и на крајот на краиштата правилна руска дипломатија. Победи политиката за политичко решавање на кризата, за што постојано се залагаше Русија, заклучи Косачов.

Кинеското Министерство за надворешни работи го поздрави потегот на Северна Кореја да прекине со нуклеарните и ракетни проби што ќе помогне, според нив, за намалување на тензиите на Корејскиот полуостров и унапредување на денуклеаризацијата.

– Кинеската страна верува дека одлуката на Севрна Кореја ќе помогне за подобрување на ситуацијата на полуостровот. Кина тоа го поздравува, се вели во соопштение од Министерството. 

Јапонскиот министер за надворешни работи Ицунори Онодера изјави дека не е време да се попушти со притисокот врз Пјонгјанг.

Северна Кореја соопшти денеска дека прекинува со тестовите на балистички ракети од голем дострел и планира да ги затвори полигоните за тестирање нуклеарни тестови. Северна Кореја одлучила на таков потег со цел одржување на „националниот фокус“ и подобрување на економијата.