Македонија
15. February 2020 - 16:42

Разрешена Рашела Мизрахи - ќе предложи ли опозицијата нов кандидат за министер?

Во раните утрински часови, по неколкучасовна дискусија собранието ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Таа пред пратениците во емотивен говор порача дека уште пред да влезе во министерството како прва Еврејка била мета на антисемитски напади.

- Сите тие напади кон мене кои почнаа со антисемитизам се засилуваа со секој мој јавен настап во кој со факти и докази и презентирав на македонската јавност дека системот е дисфункционален, а Министерството за труд и социјална политика е блокирано со илјадници нерешени предмети, ужасна кадровска политика и сето тоа на грбот на граѓаните.

Конечно хајката против еврејката Рашела Мизрахи, немајки за што друго, спин докторите на партијата на власт и нивните гласноговорници во очаен обид да ја прикријат вистинската слика за она што се случува во државата и Министерството, погубните политики на СДСМ чии лидери бараат спас од нас, наместо да се фатат со својата работа, заврши и колуминира со евтина тетарска претстава наречена „Таблата во Министерството за Труд и социјална политика“.

Реалноста денес е дека парламентарното мнозинство ја заборави историјата, барајќи иднина.

-Јас сум Рашела Мизрахи, горда Еврејка од Македонија! , истакна во собранискиот говор разрешената техничка министерка.

Претходно техничкиот премиер Оливер Спасовски  образложи дека предлогот за разрешување го доставил до парламентот зошто Мизрахи не ги почитувала Уставот и законите.

-Наместо да ги извршува работите што произлегуваат од Законот за Влада и од Договорите од Пржино кои многу јасно и недвосмислено определуваат дека основната и суштинска обврска на техничките министри е обезбедување на слободни и демократски избори, со своите јавни настапи Мизрахи ја злоупотреби функцијата и државната институција во партиски цели со прекршување на Уставот. Впрочем, кога ја даваше свечената изјава овде во Собранието кога беше изгласан составот на техничката Влада, министерката Мизрахи се заколна дека своите обврски ќе ги извршува согласно Уставот и законите на Северна Македонија.

Штетите од овие постапки се закануваат да бидат огромни за граѓаните, за државата, за нашата евро-атлантска иднина, и јас како Претседател на Владата на Северна Македонија ги оценив како последици кои мора да се спречат и затоа донесов одлука да поднесам предлог за нејзино разрешување од функцијата, рече техничкиот Премиер Оливер Спасовски.

За ВМРО ДПМНЕ таблата била само повод, а вистинската причина за разрешувањето според опозициската партија е разобличувањето на незаконското и неодговорното работење на Мила Царовска во труд и социјала.

 -Да биде иронијата уште поголема, самиот Оливер Спасовски кога ги образложуваше причините за разрешувањето самиот користеше термин Македонија без никакви придавки или додавки. Ова е лицемерие на СДСМ. Бараа разрешување на  Мизрахи заради прес конференција пред табла со Република Македонија, која патем е наследена од нејзината претходничка Мила Царовска, а самите тие користат Република Македонија во формална и неформална комуникација, изјави Благица Ласовска, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Според СДСМ за непочитување на функцијата и догорорите мора да има одговорност.

- Никој не смее да го крши Уставот и да се обидува да ја врати земјата назад во изолација, да ја оддалечи од НАТО и ЕУ заради туѓи или партиски интереси. Владеењето на правото и правната држава подразбира одговорност и одговорност мора да има, изјави Јагода Шахпаска, пратеничка на СДСМ

И ДУИ го подржа разрешувањето на Мизрахи.

-ДУИ не може да дозволи непочитување на Охридскиот и Преспанскиот договор, изјави Артан Груби, пратеник од ДУИ.

Коментар за разрешувањето на Мизрахи во 3 часот по полноќ на Фејсбук напиша и лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Се уште нема одлука за следните чекори на опозициската партија, дали ќе предложат нов технички министер за труд и социјала или ќе ја остават празна оваа министерска фотелја предвидена со договорот од Пржино.