Различни протоколи за лекување на ковид пациенти - дали тоа е причина за високата смртност?
Во болниците во државата по сопствени протоколи ги лекуваат пациентите со ковид. Ако во скопска здравствена установа пациент прима кортико и моноклонални антитела, во внатрешноста за иста клиничка слика има друга терапија. Неопходен е унифициран пристап во медицинскиот третман нешто на што од лани апелираат лекарите меѓу кои и др Злате Мехмедовиќ кој работи во ковид центарот на интерните клиники. Вели дека тоа е една од причините за големиот број на смртни случаи во земјата каде дневно по повеќе од 20 лица ја губат битката со вирусот.
-Прво и основно, кога зборуваме за големата смртност и тоа дека се повеќе млади се инфицираат треба да се има во предвид дека немаме протоколи за лекување, веќе подолго време апелираме за унифициран пристат за еден протокол за сите кој треба да биде согласно медицина базирана на докази, објавен во службен весник и постојано да се апдејтира, вели др. Злате Мехмедовиќ.
Др. Мехмедовиќ предупредува дека кај заразените од делта сојот дури за четири пати е зголемена потребата од интензивно лекување и кислородна поддршка и затоа апелира граѓаните да не мислат дека асимптоматски ќе ја поминат заразата и навреме да побараат лекарска помош. Дека индиската мутација е опасна сведочи и случајот од тетовскиот регион каде од пошироко семејство три лица починале во домашни услови – имале коморбидитети и не биле на болничко лекување.
Допонителен проблем за црната ковид статистика според Мехмендовиќ се и невакцинираните.
-И тие се проблем, иако и ова што сега се прави е задоцнето, требаше многу порано уште на почетокот на летото кога алармиравме дека ќе имаме ваква состојба. Сега и тие денес што се вакцинираат и тие утре ќе им треба време да стекнат имунитет, вели Мехмедовиќ.
Децата не треба да заболуваат а уште помалку да умираат вели др. Мехмедовиќ откако вчера во смртната статистика се најде и најмладиот пациент – 15 годишно девојче од тетовско.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар