Македонија
9. November 2015 - 16:25

Расветлено убиството од Радовиш

Љубовна  расправија стои позади убиството од пред неколку дена во Радовиш. И покрај тоа што семејството ги демантираше ваквите информации истрагата го покажа спротивното. Како што информираше полицијата изјавената љубов од страна на сега починатиот на девојката од неговиот братучед кој е осомничен за убиството била причина за расправијата  која имаше трагичен крај. Според полицијата 28 годишниот Д.С. кој се сомничи за убиство заедно со неговата девојка дошле на гости во Радовиш кај неговиот братучед Јашар Р.

И покрај тоа што планирале да останат само еден ден решиле престојот да го продолжат бидејќи биле сведоци на физичка пресметка помеѓу сега починатиот и неговата сопруга по која таа си заминала дома. На втори ноември околу 21 часот осомничениот за убиството отишол до продавница, а неговото отсуство сега починатиот Јашар го искористил да и изјави љубов на неговата девојка, но бидејќи таа го одбила ја удрил во пределот на главата.

-Пријавениот вракајќи се од продавница ја слушнал расправијата помеѓу Јашар Р. и  П.Ј. по што започнал расправија со сега починатиот која подоцна преминала во физичка пресметка. Кога настанала физичката пресметка П.Ј. отишла во ходникот, бидејки пријавениот  и кажал да се потргне и во еден момент видела како Јашар Р. паднал на земја додека пријавениот со клоци ударал по него, а потоа и го притиснал со нога на вратот. По настанот Д.С. и П.Ј. излегле од куќата и пријавениот ја заклучил влезната врата и заминале за Прилеп, рече Хризантема Рендевска – портпарол на СВР Струмица

Настанот во полиција го пријавил сопственикот на куќата во која убиениот Јашар Р. живеел како потстанар. По преземените мерки и активности од страна на полицијата осомничениот за убиството е пронајден и лишен од слобода. Против истиот е однесена и кривична пријава со која се сомничи дека сторил кривично дело убиство. По целосното расчистување на случајот пријавениот  е предаден на јавен обвинител на чиј што предлог од страна на судија на претходна постапка му е одредена и мерка притвор во траење од 30 дена.