Македонија
1. March 2021 - 12:42

Растурена свадба во Струмица со 300 гости

Струмичката полиција прекина свадба на која присуствувале околу 300 гости. И покрај забраната за групирање  и спротивно на мерките за заштита од корона вирусот семејство од селото Банско решило да организира свадбена веселба за нивниот син. Веселбата била организирана на отворено во  двор, со музика во живо и со сите традиционални адети и обичаи. Полицијата за настанот дознала откако кај нив било пријавено дека има групирање на граѓани спротивно на протоколите.Веднаш по пријавата полициски службеници излегле на терен. Кога пристигнале гостите се разбегале,а веселбата е прекината.

„По претходна пријава, полициски службеници од СВР Струмица извршиле контрола во с.Банско, струмичко, при што било констатирано дека Д.И.(57) и А.И.(54) од с.Банско организирале свадбена веселба на нивниот син Е.И.(26), на која присуствувале околу 300 гости, со што постапило спротивно на член 206 од Кривичниот законик.
Свадбата била прекината, а по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик - непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информираше Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.

За настанот бил известен и јавен обвинител. Ова не е прв случај на групирање за семејни веселби во струмичко. Пред два дена во дом на струмичанец полицијата прекина забава на кој присуствувале 11 лица.