Расте стравот кај дијабетичарите поради сомнителните апарати за мерење на шеќер во крвта
Секој ден различни правила во инсулинските аптеки за неколкумесечната голгота на дијабетичарите. Ако минатата недела еден ден делеле ленти и глукомери на оние со тип 1, потоа само за тие со тип 2, денеска медицински помагала добиваат само новодијагностицирани а на останатите им кажувале да ги користат старите апарати. Сомнежот кај повеќе од 40 000 граѓани се продлабочува бидејќи никој јавно не им кажа зошто медицинските помагала што ги добиваат овој период се во најлонски кеси, без соодветни упатства, бар код и земја на потекло и кој гарантира за нивниот квалитет. Се чувствуваат дискриминирани и потценети иако како што велат, само бараат почитување на уставното право на здравствена заштита.
А по неколкудневен молк на надлежното министерството, денеска од здравство се огласија само со соопштение по одржана средба на Националната комисија за дијабет. Нема ниту збор за начинот на кој се делат глукомерите и лентите.
-Комисијата за дијабет денеска одржа состанок, на кој се разговараше за реакциите на пациентите со дијабет, во врска со новите апарати и ленти за мерење шеќер. Националната комисија за дијабет ги уверува пациентите за точноста и безбедноста на новите апарати. До крајот на неделата претставници од Здруженијата на дијабетичари, како и пациенти со дијабет ќе бидат повикани на средба сп министерот за здравство на која ќе им се презентира целосната документација за апаратите и лентите, како и целиот процес на набавка од страна на МАЛМЕД и Националната комисија за дијабет.
Премиерот Ковачевски бил запознаен со проблемите на дијабетичарите, вели пари биле обезбедени, но доцнењето на медицинските помагала било поради тендерски процедури.
-Дури и сите нарачки се направени, но како што информираа и од Министерството за здравство поради сите тие процедури во јавните набавки за дел не е завршено. Така да јас очекувам се да заврши и сите да го добијат тоа што им е неопходно, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Влада.
Повеќе од 9 месеци трае патешествието на повеќе од 40 000 граѓани кои оставени сами на себе се снаоѓаа и купуваа глукомери и ленти за мерење на шеќерот во крвта. Проценката е дека за тој период потрошиле над 200 000 евра за помагала кои треба да им ги обезбеди државата.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар