Македонија
14. July 2023 - 21:15

Расте притисокот врз опозицијата за уставните измени

Евроамабсадорот Гир уверува дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е спротивно на државните интереси или закана за идентитетот. Доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки, вели Гир во интервју за МИА. Сепак, бара отворена дебата за амандманите.

Доколку, како што очекуваме, се работи за вметнување на луѓе што се декларираат како Бугари во Уставот, тогаш ќе стане експлицитно она што веќе е имплицитно во самиот Устав и тоа би претставувало понатамошно јакнење на веќе доброто досие на земјата поврзано со меѓуетничките односи. Не гледам дека тоа е спротивно на националниот интерес или закана по идентитетот на оваа земја. Сепак, ова се одлуки што треба да ги донесе самата земја, рекол Гир во интервјуто.

Меѓународната заедница го засилува притисокот врз опозицијата за уставните измени во последните неколку дена. По вчерашната посета на тројцата дипломати, утрово, во контекст на уставните измени и советникот во американскиот Стејт Департмент Дерек Шоле порача дека пратениците се избрани за да носат тешки одлуки.

Нова серија притисок се очекува и од понеделник кога во земјава доаѓаат Министрите за Европа на Германија, Франција и Полска.

Опозицискиот лидер Мицкоски пак, вели дека тоа не го менува партиускиот став дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема.

Во трката до 80 гласа за Бугари во македонскиот Устав, Владата денеска уште еднаш ја повтори понудата која и беше одбиена на последната лидерска средба.

На стартот од последната година на својот мандат Владата си постави за цел уставните измени да истурка пред почетокот на зимата, но за тоа се уште нема обезбедено поддршка од 80 пратеници. Премиерот Ковачевски иако првично најави дека тие ќе влезат во собраниска процедура идната недела, новиот рок што го зададе е крајот на јули.