Бизнис
4. May 2018 - 19:35

Расте неизвесноста за избор на гувернер на НБРМ

Богов не треба да ја добие поддршката од пратениците за уште еден мандат, вели Тунтев за Сител. Појаснува дека постојат многу аргументи но ова  е негов личен став  без претходна дебата во рамки на пратеничката група на СДСМ. Додава дека пратениците уште не го прочитале образложението од претседателот Иванов за да го изградат нивниот став.

Во изминатите неколку години СДСМ во повеќе наврати ги изнесуваше тие аргументи во јавност и одлучно реагираше против погрешните и штетните политики на поранешната власт, кои беа поддржувани или  спроведувани од гувернерот. Сепак сметам дека низ интер-коалициска дебата во рамките на нашата Пратеничка група ќе се соочат сите аргументи и контра аргументи и убеден сум дека сите пратеници ќе изградат сопствен став и ќе донесат исправна одлука.

Од Кабинетот на претседателот пак реагираат дека Иванов ги информирал и Заев и Мицковски за реизборот на Богов пред објавувањето на кандидатурата. Се сретнал и со други потенцијални кандидати за гувернерското место меѓу кои и со Фатмир Бесими. Реакцијата на КПРМ доаѓа по изјавите во јавноста од кои се доби впечаток дека Иванов без ничие знаење го предложил Богов за втор мандат.

По извршените консултации, Претседателот Иванов оствари средба со премиерот Заев на 26 март оваа година, на која го запозна со исходот од консултативните средби и дека Димитар Богов ќе биде предложен за нов мандат. Потоа, следувала и средба на претседателот Иванов со гувернерот Богов на која македонскиот претседател му ја соопштил својата намера. Откако актуелниот гувернер му дал согласност, Богов остварил средба и со премиерот Заев на која му ја искажал согласноста за одлуката на македонскиот претседател за негова повторна кандидатура. За предлогот Димитар Богов да биде гувернер на НБРМ, освен премиерот Заев информиран е и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, велат од кабинетот на Иванов.

На 27 април Иванов го достави предлогот за реизбор на Богов во Собранието. Во ДУИ пак се разгледува можноста да се смени  Законот и да може и други институции да предлагаат гувернер. Вчера Богов изјави дека тоа  не е препорачливо бидејќи Законот е во согласност со европската регулатива. Рече дека ако пак НБ се остави без гувернер се доведува во опасност стабилноста на македонската економија. Неговиот мандат  истекува на 20ти месецов.