Македонија
15. October 2020 - 16:43

Расте бројот на заразени деца во градинките

Две воспитувачки и негувателка позитивни на ковид-19 во градинката „Росица“ во Ѓорче Петров. Поради тоа во изолација се ставени три групи деца.

Министерката за труд и социјала вели оти не изненадува фактот што цели групи деца одат во изолација ако се знае дека воспитувачките се грижат за нив во текот на целиот ден.

-Тоа е една градинка која што има неколку објекти. Така што бројот од 44 изолирани е бројка која што се добива од трите различни објекти кои што се во составен дел од Јавната установа детската градинка „Росица“ во Ѓорче Петров, вели Шахпаска.

Од отворањето на градинките досега регистрирани се 15 деца позитивни на вирусот ковид-19 кои се уште се во домашна изолација. Во однос на вработените, од 9 септември досега вкупно 44 се заразиле со вирусот. Во овој момент во изолација ширум Македонија има 45 вработени и 192 деца.

Во моментов во градинките има слободни места за згрижување на 10.300 деца.

-Дел од родителите се одзваа на нашиот апел и повик да децата кои само ги имаат запишано, а не ги носат ги повлекле од градинките и на тој начин искажаа општествена одговорност, рече Шахпаска.

И покрај големиот број на случаи во градинките засега нема најава за нивно затворање.