Македонија
20. October 2019 - 16:34

Расте бројот на кучиња скитници, стационарот доцни

Град Скопје без конкретен одговор кога ќе заврши реконструкцијата на стационарот за улични кучиња „Лајка“, иако градот веќе шест месеци е без стационар.

Оттаму велат дека стерлизицаијата е во мал застој поради реконструкцијата, но здруженијата за заштита на животните тврдат дека шест месеци не се стерилизираат кучињата и со тоа енормно е зголемен бројот на нови легла.

- Градот Скопје работи на системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, каде во соработка со останатите државни институции работиме на сите области кои се поврзани со оваа комплексна материја.  Во однос на стационарот „Вардариште“, изминатиов период започна неговата целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи. Истите ќе бидат комплетно заменети со нови по современи стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма. Со неговата реконструкција и проширување, покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња, велат од Град Скопје.

Оттаму потенцираат дека Градот има одлична соработка со здруженијата на граѓани и е во постојана комуникација со нив. Но, и „Анима Мунди“ и „Шепасти ентузијасти“ се пожалија дека немаат никаква комуникација со надлежните и со тоа немаат информации до каде е реконструкцијата на „Лајка“.

Кучињата кои претходно беа сместени во „Вардариште“ сега се надвор од боксовите, но се уште се во кругот на стационарот и депонијата.

Според бројките кои ги објави „Анима Мунди“ за само шест месеци во Скопје се родиле најмалку 6.000 нови кучиња.

Зголемениот број на улични кучиња го зголемува револтот кај граѓаните. Минатата недела 69-годишен Скопјанец со пиштол пукал кон улични кучиња во Аеродром. Минатиот месец две кучиња беа искасапени на спиење и оставени на паркинг исто така во Аеродром.