Македонија
12. April 2016 - 14:04

Распишан тендер за реконструкција на базенот на штипска Физикална терапија

Клиничка  болница - Штип ќе го реконструира Одделението за Физикална терапија, кое се наоѓа кај бањата „Кежовица“. Директорката на штипската  Клиничка болница, Елизабета Папарова информира дека е распишан тендерот за целосна санација на базенот во физикална терапија.

- Реконструкцијата ќе чини околу два милиони денари, а ќе се врши замена на вентилацијата, електриката, прозорците, како и на четири туш кабини, кои служат за хидро-терапија. Ова ни е едно од најатрактивните одделенија и за термин се чека и по неколку месеци, вели Папарова.

Таа додаде дека пред скоро два месеца Одделението за Физикална терпија доби и три нови современи апарати, со кои ќе се зголеми бројот на пациенти, а истовремено ќе се подобри и квалитетот на здравствените услуги. Во ова одделение во моментов со пациентите работат двајца специјалисти, а еден лекар е испратен на специјализација.