Македонија
12. August 2019 - 17:12

Расфрлани остатоци од животни по Курбан Бајрам на повеќе локации низ земјава

Расфрлени органи од животни непосредно до населени места на плус 40 степени целзиусови. Ваква е сликата на повеќе места ширум земјава на ден по големиот муслимански празник Курбан Бајрам, кога верниците традиционално колат курбан, односно принесуваат жртва, што симболизира приближување кон Бога.

И покрај контејнерите, што од Комунална хигиена ги поставиле токму за таа намена, во Сарај, на само стотина метри пред езерото Треска, наидовме на органи од заклани животни расфрлени на паркинг просторот крај патот. Во непосредна близина на населено место оставени два дена на отворено во услови на високи температури, овие остатоците од животинско потекло шират неподнослива смрдеа и поради брзото распаѓање претставуваат потенцијална закана за ширење заразни болести.

Ништо поразлична не е ниту сликата во Гостивар и струшко. Граѓански здруженија објавија фотографии на кои се гледа расфрлан животински отпад покрај контејнери, но и покрај игралишта за деца. Велат дека ќе ги гонат виновниците.

Претходно Комуналните претпријатија и градоначалниците од повеќе општини, но и скопското муфтиство, упатија апели до граѓаните да водат сметка за органскиот отпад од курбанот, а свештените лица во џамиите ги информирале верниците за тоа каде треба да го фрлаат отпадот.